Пишува: Свето Тоевски

Научното дело на Наде Проева: Незгаслив светилник за македонската вистина ширум Балканот и Европа
„Долгогодишната борба на македонскиот народ за создавање сопствена држава ја покажува неговата национална свест. Македонската држава е млада, но не и народот, како што тврдат некои. “ – пишува големата македонска историчарка проф.д-р Наде Проева во заклучокот на својата монументална студија „Триптих за македонскиот идентитет – огледи за македонското самосознание од средниот до новиот век“ (2018). Во оваа студија Проева ја поставува темата на едно суштинско научно и општествено прашање: за македонското самосознание низ историските периоди, за правото на еден народ на сопствената историја, јазик и идентитет. Право сам да ја пишува, да ја толкува и да ја истражува сопствената автентична македонска историја, не според барањата на туѓи национални и великодржавни доктрини: на „Велика Б’лгарија“ и „Мегали Хелада“ (Голема Грција).
Македонскиот народ, македонскиот јазик и македонскиот национален идентитет не се прашања, што започнуваат со политичките одлуки на современите држави. Токму македонското историско самосознание, јазикот и етничкиот идентитет се во средиштето на научното творештво на Наде Проева.

„Триптихот за македонскиот идентитет“ и научното наследство на Наде Проева имаат вонвременско значење. Тие се незгаслив светилник за македонската вистина ширум Балканот и Европа. Проева вградува несоборлива научна аргументација и факти во историската расправа за македонската национална самосвест. Таа прави разлика меѓу времето на создавањето на современата македонска држава и историското постоење на македонската националната свест. Македонската историчарка е категорична дека македонскиот народ не може да биде историски сведен на датумот на создавањето на современата македонска држава.

Македонскиот јазик не може да биде прогласен како производ на политичка одлука само затоа што неговата современа кодификација е поврзана со создавањето на македонската асномска држава. А националното самосознание не може да биде предмет на туѓо преиспитување и преименување, било да е бугарско, било да е грчко, српско, или сеедно од кого.

Токму затоа научното наследство на Наде Проева има особено значење во денешниот контекст на бугарското и грчкото оспорување на македонската национална и идентитетска самобитност. Има особено значење за македонското самосознание низ историските периоди, за правото на еден народ на сопствената историја, јазик и идентитет. Право сам да ја пишува, да ја толкува и да ја истражува сопствената автентична македонска историја, а не според барањата на туѓи национални и великодржавни доктрини: на „Велика Б’лгарија“ и „Мегали Хелада“ (Голема Грција).
Проева: Терминот „Бугари“ во минатите векови не означувал етничка припадност и народ како во денешната етничка смисла, туку имал значење на државјанин, или црковна припадност

Еден од најважните делови на научниот придонес на Проева е и анализата на повеќезначноста на историската ознака „Бугари“. Во „Македонскиот триптих“ таа посветува посебно поглавје на ова прашање, насловено „Многузначноста на терминот Бугари (Bulgari) и од него изведените Бугарини / Бугарејци / Бугарци (Bulgarini / Bulgareis)“. Проева анализира како овие називи се употребувале во различни средновековни и подоцнежни контексти, вклучувајќи ги византиските извори, житијата и записите на попот Дукљанин. Исто така, и во колумната „Значењата на ознаката Бугари низ вековите“, објавена на 1 јули 2019 година, Проева го критикува негирањето на македонската посебност и се спротивставува на обидите на Софија средновековната црковно-државна терминологија да ја прикаже како доказ дека оние Бугари во минатото се во етничка смисла какви што се и овие денешни Бугари.
Нејзината аргументација е насочена против автоматското претворање државна или црковна припадност во доказ за етничка припадност. Таа истакнува дека во изминатите векови терминот „Бугари“ или „Булгарини“ имал многу повеќе значење на црковна, или државна припадност, во смисла само на државјанин, но не и на етничка припадност. Според оваа експертка, името на државата, административната припадност, црковната организација и етничкото самосознание не се исти категории. Накратко кажано, терминот „Бугари“ во средновековието немал значење на народ, како што има денес.
Грчкиот национален мит и негирањето на македонскиот идентитет

Научниот придонес на Проева не е ограничен на бугарското оспорување. Изнесувајќи остри критики кон усвојувањето на „Преспанскиот договор“, Проева директно и јасно аргументира дека Грција нема никакво историско право да го присвојува името Македонија и идентификациската одредница „македонски“, кои како такви, според неа, му припаѓаат само на македонскиот народ. И на никому друг!
Како експерт за историјата на античка Македонија во научната статија „Името Македонија од античко време до денес“, објавена во весникот „Нова Македонија“ на 5 јули 2018 година, Проева нагласува: „Името Македонија ги влече своите корени од античко време и се користи за означување како на земјата така и на политичките творби на таа територија почнувајќи од кралството на Античките Македoнци, римската провинција Македонија, сѐ до Р. Македонија. Патописците од западноевропските земји, што патувале во отоманска Турција, го користеле античкото име Македонија за народот на територијата на античка Македонија, и тоа име опстојало до ден-денес“.
Во истата статија Проева уште пишува: „По пропаѓањето на античкиот свет и менувањето на политичката состојба како на Балканот така и во цела Европа, почнуваат процесите на етногенеза (создавање) на современите народи, при што со симбиоза (спој) на староседелците и новодојдените се создаваат денешните народи – во Македонија тоа се Античките Македонци и словенските племиња, во Бугарија Тракијците, Словените и Бугарите, итн.“

Проева експлицитно ги наведува античките Македонци како еден од историските составни елементи во етногенезата на денешните Македонци, заедно со словенските племиња. Таа застапува историска и етногенетска поврзаност меѓу античките Македонци и денешните Македонци. Нејзиниот модел е: староседелско античко македонско население + словенски племиња = етногенеза на современиот македонски народ.
Проева: „ЕУ нема право да се меша во идентитетски прашања, поврзани со Македонија, ниту да ги решава!“
Овој научен експерт не се задржува само на Бугарија и Грција. Таа ја критикува директно и ЕУ, бидејќи се меша во идентитетски и научни прашања и затоа што не ги почитува сопствените принципи. Во едно интервју од 29 февруари 2020 година, Проева вели: „Како политичка организација, ЕУ нема право, ниту механизам да решава научни и идентитетски прашања. Тоа е неприфатливо. ЕУ избегнува да ги почитува да ги применува сопствените правила, принципи и критериуми, за да ги исполни своите ветувања спрема Македонија.“
Од особена актуелност е и следната критика на македонската историчарка кон официјален Брисел: „Европската Унија ни поставува нам, на граѓаните на Македонија, на Македонците, услов за уставни измени за почеток на преговорите за членство, со кои практично се анулираат антифашистичките основи на современата македонска држава.“
Проева ги критикува западноевропските политичари за прифаќање на толкувања што ја игнорираат македонската историска посебност. Таа ја критикува и европската политичка структура, која, според нејзината оценка, дозволува билатералните идентитетски спорови да станат услов за евроинтеграциите на Македонија.

Денес „Триптихот на македонскиот идентитет“ другите научни истражувања и јавни истапувања на Проева докажуваат со силата на научните аргументи и на историските сведоштва дека националниот идентитет на Македонците не може да биде предмет на меѓународни договори или компромиси меѓу политичари, туку оти е реалност, заснована врз сопственото историско македонско самочувство, култура и јазик. „Триптихот за македонскиот идентитет“ јасно порачува: вистината не трпи политички компромиси. Наде Проева остави траен и нескршлив научен аргумент во рацете на идните поколенија за одбрана на правото на македонскиот народ да биде она што е – свој на своето.
(Авторот изнесува во оваа колумна согледувања од сопствена објективна политиколошка анализа, кои немаат никаква поврзаност со ниедна политичка партија во Република Македонија, ниту со редакцијата на „Експрес“)