Македонија

Намалување на вкупниот криминалитет: сузбиени над 30 организирани криминални групи за две години!

Република Македонија денес го има најниското ниво на криминалитет во последните 20 години. Во изминатите две години бележиме намалување на вкупниот криминалитет, постигната е вкупна ефикасност од 69 проценти, а значително е зголемен и бројот на откриени сторители. Ова го истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на денешниот отчет за сработеното на МВР во изминатите две години. Според него, овие резултати се потврда за посветената работа на полициските службеници, подобрената координација и навременото постапување на терен.

-Особено значајни се резултатите во борбата против организираниот криминал. Сузбиени се над 30 организирани криминални групи, кои дејствувале во различни области – од недозволена трговија со дрога и корупција, до криумчарење мигранти, недозволена трговија со оружје, фалсификување пари, трговија со луѓе и други тешки облици на криминал. Зад овие бројки стојат пресечени криминални канали, спречени незаконски активности и испратена јасна порака дека никој не е над законот и дека институциите имаат капацитет да се справат со најсериозните безбедносни предизвици, посочува Тошковски.

Додава дека значајни резултати се постигнати и во областа на корупцијата. -Бројот на сузбиени организирани криминални групи со коруптивно делување е зголемен за 50 проценти. Сузбиени се шест такви групи, при што кривично се пријавени 146 физички и 18 правни лица. Откриени се околу 500 кривични дела, а бројот на пријавени сторители надминува 1.000, што претставува значителен пораст во однос на претходниот период. Со овие постапувања беа прекинати незаконски практики и коруптивни активности во повеќе области од особено значење за граѓаните и државата, вели министерот.

Во однос на борбата против недозволената трговија со дрога, сузбиени се 11 организирани криминални групи, спречени се девет меѓународни транспорти на марихуана и кокаин, а откриени се и три импровизирани лаборатории.

-Откриени се над 1.600 кривични дела, со пријавени околу 1.900 сторители, додека запленети се околу 6,2 тони разновидна наркотична дрога. Особено значајно е што заплените на кокаин се зголемени за повеќе од 300 проценти, што укажува на зајакнатите капацитети за откривање и спречување на меѓународните канали за трговија со дрога. Успешни резултати се постигнати и во спречувањето на недозволената трговија со оружје. Запленети се над 550 парчиња оружје, сузбиена е една поликриминална организирана група, а забележан е и значителен пораст на запленетата пиротехника. Преку регионална и меѓународна соработка беа спречени и обиди за нелегален транспорт на оружје кон нашата држава. Позитивен тренд бележи и имотниот криминал. Бројот на тешки кражби и кражби е намален за повеќе од 30 проценти, додека разбојништвата и разбојничките кражби се намалени за над 40 проценти. Овие резултати значат поголема сигурност во секојдневниот живот на граѓаните и поголема безбедност во локалните заедници, посочува Тошковски.

Кај насилниот криминал, бројот на извршени убиства е намален за 4 проценти.

-Особено е значајно што, покрај тековното постапување, Министерството успеа да расветли и повеќе тешки убиства извршени во претходните години. Со професионална и темелна истрага беа расчистени случаи кои подолг период предизвикуваа загриженост во јавноста, а нивното расветлување претставува важен придонес во зајакнувањето на чувството на правда и безбедност кај граѓаните. Сите овие резултати се доказ за посветеноста, професионалноста и истрајноста на полициските службеници. Тие се и потврда дека со континуирано вложување во човечките капацитети, современи методи на работа и меѓуинституционална соработка, можеме уште поефикасно да одговориме на предизвиците и да обезбедиме побезбедна иднина за сите граѓани, рече Тошковски во обраќањето.

Најнови вести од: Македонија

Почина Волф Ошлис, амбасадорот на македонската кауза: Ако Европа ја изгуби Македонија, ќе се изгуби и себеси!

На 30 август 2026 година германските научни платформи објавија потврдена вест, која е повеќе од тажна за македонскиот народ и Република Македонија: уште на 18 август 2026 година почина професор доктор Волф Ошлис, германскиот и европски македонист со непроценливо значење на неговиот политичко-јазичен македонистички ангажман за македонскиот народ и јазик, за одбраната на националната, идентитетска, јазична, културна и историска засебност и самобитност на Македонците наспроти сите нивни негирања како народ. Неговата реченица: „Нема ништо полесно отколку да бидеш пријател на Македонија. Јас сум тоа од 1975 година…“ ја одразува неговата длабока професионална, но и лична, чувствена врска со македонската кауза, со Македонците и Македонија

Легендарниот македонски војвода Александар Турунџе пред да си стави јамка на вратот на 30.8.1905: Македонија ќе биде слободна!

„Личната трагедија на македонскиот револуционер, ајдутин, четник и војвода Александар Турунџев, кој е предаден на турските власти за 150 златници од свој сонародник, по што бил обесен на Ат-Пазар во Битола на 30 август 1905 година, освен што е симбол на она што многу често провејува низ македонската историја – предавството, многу повеќе е национален херој и симбол на борбата за слобода на македонскиот народ.Погубувањето на Турунџев се одвивало пред бројни сведоци, меѓу кои и неговата сопруга и нивните две малолетни деца, ќерка и син, кои биле принудени немо да го гледаат испуштањето на последниот здив на својот татко.“ – објави Македонската информативна агенција – МИА.

Штип е без вода: Филтер станицата исклучена, поради крајно големата заматеност од синоќешното невреме

Градот Штип од 14 часот е без вода за пиење. Филтер станицата се исклучи од цевководот на хидросистемот „Злетовица“ поради големата заматеност на водата која пристигнува од браната Кнежево, информираше на вонредната прес-конференција директорот на ЈП Исар Штип Александар Арсовски.

ЗНАМ го осудува глорифицирањето на воените злосторства

Движењето ЗНАМ најостро ги осудува воените злосторства случени на поранешните југословенски простори, вклучувајќи ги и хашките случаи во Македонија од 2001г., и секој обид за нивна глорификација, релативизација или оправдување

To top