Македонија

Настан на неделата: Сиљановска-Давкова е првиот шеф на државата кој почнал дијалог со средношколците

Средношколски дијалог со претседателката

Неделава во организација на Советот за млади, во Кабинетот на Гордана Сиљановска-Давкова се одвиваше бурен дијалог меѓу шеесетина средношколци.

Предмет на дебатата беа тешки прашања: безбедноста на младите во небезбеден свет; медиумската писменост во амбиент на информативна хиперпродукција; притисокот да се биде успешен во не секогаш рамноправен натпревар, како и односот на младите кон пушењето и марихуаната и развивањето свест и отпорност кон зависноста.

Младите соговорници изразија аргументирани ставови за причините за стравот, насилството и несигурноста, начинот на справувањето со нив, како и можните излезни решенија за нивно редуцирање и надминување.

Претседателката ги спореди состојбите од нејзината средношколска младост со актуелните, заклучувајќи дека младешкиот живот на нејзината генерација бил далеку побезбеден и помирен од сегашниот.

Во однос на прашањето за медиумската писменост, младите укажаа на недоволната писменост кај поголем дел од постарите генерации, од една страна, но и реалната неможност да се разграничат релевантните од нерелевантните информации, како и вистината од невистината, од друга страна, во време на видеократија, информативна поплава и хаос.

Речиси сите, без оглед на индивидуалните специфики на гледањата, укажаа на потребата од креирање механизми за критичка евалуација на прочитаното, виденото и чуеното, како и мудро и внимателно користење на вештачката интелигенција, со оглед на нејзините две лица: лицето на корисна алатка, но и заканата по човековата мисла.

Претседателката укажа на презаситеноста на медиумскиот простор со политика и недозволиво отсуство на информации од областа на науката, културата, образованието и спортот.

Младите мислители умно и отворено говореа за тешкиот притисок да се биде успешен според не секогаш кредибилни стандарди, но и непотистички, партиски и политички влијанија во евалуацијата.

Во низата индивидуални видувања за цигарите и марихуаната, се чини како да се исфилтрира заеднички став дека забраните и санкциите не секогаш се добро решение, како и дека од најраните школски денови треба да се гради свест за можните последици од зависностите.

Најважното за сите е дека, наместо држење лекции за иднината што ќе им припаѓа на младите, тие мора да се вклучат во креирањето политики и одлучувањето за сегашноста.


Најнови вести од: Македонија

УЈП: Сивата економија ќе се сузбива преку засилена фискализација

Управата за јавни приходи (УЈП) започнува засилени контроли и мерки против даночните обврзници кои вршат деловна дејност и остваруваат промет со готовински плаќања, а притоа немаат регистрирано фискален систем на опрема.

Мицкоски: Реконструкцијата на охридскиот аеродром е историски настан за регионот

Премиерот Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на почетокот на реконструкцијата, надградбата и проширувањето на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“, оценувајќи го настанот како историски за Охрид, охридското крајбрежје и околните општини.

To top