Македонија

Научна конференција „Триесет години од атентатот врз претседателот Киро Глигоров“: кој го нарача обидот да биде убиен и зошто?

Утре во Филозозофскиот факултет во Скопје ќе биде одржана научна и стручна конференција на тема „Триесет години од атентатот врз Киро Глигоров, претседател на Република Македонија и врховен командант на Армијата на Република Македонија“. Како што истакнуваат од одборот за одржување на конференцијата, таа би требало да даде одговори на четири најважни прашања: (1) кои беа причините и мотивите за атентатот? (2) кои се можните нарачатели и извршители? (3) дали можеше да биде спречен атентатот и зошто не беше? (4) зошто државните органи во изминатите три децении не дадоа одговор на овие прашања?

„И по три децении едно од најтешките прашања од поновата македонска историја останува без одговор. Оваа конференција има цел да ја продолжи јавната, аргументирана и научна расправа за атентатот, што ја потресе Македонија и кој остави трајни последици врз нејзиниот политички и безбедносен развој.“ – информира инцијативниот одбор, сочинет од проф. д-р Цане Мојаноски, проф. д-р Гроздан Цветковски и проф. д-р Зоран Јовановски, полковник на Армијата на Република Македонија.


На конференцијата најавено е учество на универзитетски професори, научници, експерти, меѓу кои и учесници од претходната конференција „15 години од атентатот врз претседателот Глигоров – мистерија или настан ад акта“, што се одржа во Скопје на 30 септември 2010 година.

Од иницијативниот одбор истакнуваат дека атентатот беше дочекан тогаш со огромно изненадување во домашната и меѓународната јавност, имајќи ја предвид и клучната улога на претседателот Киро Глигоров во конституирањето и меѓународното признавање на Република Македонија по нејзиното осамостојување во 1991 година.

Македонска информативна агенција-МИА

Најнови вести од: Македонија

Весникот „Илинден“, гласникот на Македонците во Албанија – петнаесет години ѕвезда Деница за македонскиот збор

„Петнаесет години истрајност и посветеност – весникот „Илинден“ е жив хроничар на македонската заедница во Албанија, чувар на јазикот и културата и мост што ги поврзува генерациите и дијаспората низ светот. На 1 март 2011 година Македонското друштво ‘Илинден’ – Тирана го издаде првиот број на својот весник ‘Илинден’. Тој прв број, објавен како двоен (март/април), беше симболичен почеток на една медиумска приказна, која денес, петнаесет години подоцна, има 71 издание. Во текот на овие години, весникот не само што обезбеди континуитет и посветеност туку и изгради мостови меѓу заедниците – од Македонците во Албанија, преку читателите во татковината Македонија, па сè до дијаспората низ светот. Секое издание претставува сведоштво за една борба за видливост, за зачувување на јазикот и културата и за афирмација на македонскиот идентитет во услови на постојани предизвици.“ – пишува во статијата, која ја објави денес дневниот весник „Нова Македонија“.

Потпишан договор за изградба на паркинзи во Клиничкиот комплекс – Во првата фаза до втората половина на 2027 најмалку 500 паркинг-места

Министерството за здравство (МЗ) и Град Скопје го потпишаа Договорот за изградба на паркинзи во рамки на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Договорот е на 15 години, со 10 отсто закупнина од вкупно остварениот промет. Во првата фаза е предвидена изградба на два современи монтажни паркинга, со најмалку 500 паркинг места, кои се очекува да бидат ставени во функција до втората половина на наредната година. Паркинзите ќе бидат, пред се, наменети за пациентите и за вработените во Клиничкиот центар. Планирано е едниот паркинг да биде кај Клиниката за гинекологија, а вториот кај црквата во Клинички. Како што најавија министерот за здравство Азир Алиу и градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски пред потпишувањето на Договорот, ако има потреба, ќе биде изграден и трет монтажен паркинг. Ако се утврди дека капацитетите овозможуваат да се паркираат и приватни лица, ќе се овозможи и тоа.

To top