Македонија ја започнува изградбата на новиот автопат од Букојчани до Кичево – шести проект што го покренува актуелната Влада.
Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, денеска го постави камен-темелник на делницата, истакнувајќи дека поврзувањето Кичево–Букојчани ќе даде целосна смисла на Коридорот 8 и ќе овозможи целосно автопатско поврзување меѓу Скопје и Охрид.

Според Николоски, станува збор за исклучително важна делница која треба да обезбеди целина на автопатското поврзување на западниот дел од државата, преку Тетово, Гостивар, Кичево и Струга, овозможувајќи целосно поврзување на Коридорот 8.
– Овие 12 километри се исклучително важни и треба да дадат смисла и целина на целокупното автопатско поврзување, не само од Скопје до Охрид, туку и на целиот Коридор 8. Со ова автопатско поврзување, целиот коридор добива смисла – рече Николоски.
Градежните активности започнуваат токму на местото каде што завршува автопатот Охрид–Кичево, од каде трасата ќе продолжи кон Букојчани.
Истовремено, на делницата од Букојчани до Гостивар веќе интензивно се работи.
– Се работи за терен кој што е планински, кој што е исклучително тежок, терен кој што бара многу знаење, многу искуство и сметам дека изведувачите кои што се избрани, заедно со надзорот и со техничката поддршка, ќе можат да завршат одлична работа и сум убеден дека во предвидениот рок од 4 години проектот ќе биде завршен – посочи вицепремиерот Николоски.

Проектот предвидува изградба на современ автопат со две возни ленти во секоја насока, со ширина од по 3,5 метри, како и помошни ленти од по 2,75 метри од двете страни.
Проектираната брзина ќе изнесува од 110 до 130 километри на час.
– Станува збор за една исклучително тешка задача којашто ќе ја имаат изведувачите, коишто ќе добијат целосна поддршка од Владата, од Министерството за транспорт од ЈП за државни патишта – потенцираше Николоски.
Тој се заблагодари на премиерот и истакна дека почетокот на изградбата е дел од развојната визија поставена во 2024 година, според која Македонија треба да се позиционира како значајна крстосница на двата паневропски коридори – Коридорот 8 и Коридорот 10.
– Сакам да се заблагодарам на премиерот, затоа што овие работи не се случајни, ова е дел од визијата која што беше поставена во 2024год. кога оваа Влада беше формирана.
Ние решивме државата да ја развиваме како раскрсница помеѓу двата пан европски коридори – Коридорот 8 и Коридорот 10. Македонија нема излез на море, но има уникатна географска местоположба, која што со силни инвестиции во автопатите и железниците, треба да значи економски напредок за бројни генедариции коишто доаѓаат после нас – го заврши своето излагање министерот за транспорт, Александар Николоски.
Изградбата на делницата Букојчани–Кичево претставува значаен инфраструктурен чекор кон подобра поврзаност, побрз и побезбеден транспорт и зајакнување на стратешката улога на Македонија во регионалните транспортни коридори.