Осудениот поранешен премиер Никола Груевски, кој веќе осум години живее во Унгарија, продолжува да остварува приходи преку својата приватна консултантска компанија, покажуваат официјалните финансиски податоци објавени од унгарскиот портал „444“.
Станува збор за фирмата „I.C.I.C Kft“, основана во 2021 година, чија главна дејност е деловно советување. Иако компанијата нема ниту еден вработен, нејзините финансиски извештаи јасно сведочат дека таа редовно генерира приходи и работи со профит.
Според објавените податоци, во текот на минатата 2025 година, фирмата остварила приход од околу 9.600 евра, додека една година претходно приходите изнесувале околу 11.600 евра. Поради нискиот трошок, кој е карактеристичен за консултантската дејност, значителен дел од овие средства се претвориле во добивка. Во 2025 година, компанијата прикажала профит од приближно 5.650 евра.
Од основањето на фирмата до денес, Груевски преку дивиденди повлекол вкупно околу 45.800 евра. Последната остварена добивка, за разлика од 2024 година кога тој ги подигнал 2 милиони форинти, ја оставил во компанијата. Вкупно, од 2021 година досега, тој подигнал 16,2 милиони форинти дивиденда, што изнесува околу 45.760 евра.
Новиот годишен извештај покажува дека средствата на банкарската сметка на компанијата се зголемиле од 8 на 9 милиони форинти до крајот на 2025 година. Истовремено, се зголемиле и обврските на фирмата – од 2,5 милиони форинти во 2024 година, на 3,3 милиони форинти кон крајот на минатата година.
Унгарскиот медиум посочува дека Груевски досега исплатил десетици илјади евра преку дивиденди, додека дел од заработката останал како акумулирана добивка во фирмата. Не е познато кои се клиентите на компанијата, ниту со кои субјекти таа соработува.
Во анализата се потсетуваат и на блиските односи на Груевски со поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан и поранешниот министер за надворешни работи Петер Сијарто, при што се наведува дека поранешниот македонски премиер бил консултиран во повеќе наврати за политичките состојби на Западен Балкан.
Од македонското Министерство за правда соопштија дека правниот статус на Груевски во Република Северна Македонија останува непроменет и дека надлежните институции продолжуваат да постапуваат согласно домашното и меѓународното право. Темата повторно доби актуелност по медиумските наводи дека Груевски наводно поседува и унгарско државјанство. Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата засега нема официјална потврда за тие информации.