Македонија

Нови закони за високо образование: Модуларност, стручни студии и построги критериуми за професори

Овие предлог-закони, изработени со учество на националното координативно тело составено од над 60 професори (кои работеле волонтерски), веќе се ставени на јавна расправа преку Единствениот национален електронски регистар (ЕНЕР), каде што засегнатите страни можат да даваат сугестии.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска на прес-конференција ги презентираше клучните новини во трите нови законски решенија што се подготвуваат: Законот за високо образование, Законот за квалитет во високото образование и Законот за научно-истражувачка дејност.

Овие предлог-закони, изработени со учество на националното координативно тело составено од над 60 професори (кои работеле волонтерски), веќе се ставени на јавна расправа преку Единствениот национален електронски регистар (ЕНЕР), каде што засегнатите страни можат да даваат сугестии.

Според Јаневска, сегашниот Закон за високо образование создаде повеќе проблеми отколку што реши, особено поради нефункционалната Агенција за квалитет, која во последните години главно се ограничуваше на акредитација, без вистинска евалуација.

Новите закони имаат за цел да го подигнат квалитетот, да ја зголемат одговорноста и да ја поттикнат конкуренцијата меѓу универзитетите.

Клучни новини и промени:

Драстично намалување на студиските програми – Во моментов постојат над 1.300 програми, меѓу кои многу со само 2, 3 или 5 студенти, што министерката го оцени како неприфатливо. Очекува многу програми да се самоукинат или да бидат затворени по сила на закон. Јавните високообразовни установи ќе мора брзо да се прилагодат, што може да резултира со затворање на дел од нив.

Модуларност на студиите – Студентите на ист факултет (на пр. Правен) ќе имаат заеднички прв циклус (првите две години), по што ќе се специјализираат (кривично, граѓанско, меѓународно право итн.). Ова ќе важи за сите факултети.

Воведување стручни студии – Ќе се воведат стручни (индустриски) програми со 180 кредити (3 години), со можност за продолжување на академски студии (до 240 кредити) и докторски. Ова е во согласност со европските практики и ќе подготвува кадар директно за пазарот на трудот во компаниите, без задолжителен академски напредок. Студентите ќе можат да преминуваат меѓу стручни и академски студии, а дипломите од странство (вкл. стручни докторски) ќе се признаваат полесно.

Построги критериуми за професори – За избор во звање, професорот ќе мора да објави минимум 6 трудови, од кои 4 во списанија со импакт-фактор во Web of Science или Scopus. Очекува дека ова ќе го зголеми бројот на квалитетни публикации (сега имаме 300–500 годишно, а за Шангајската листа се бараат околу 1.200).Професорите ќе одат на реизбор на секои 7 години. Затекнатите во звање ќе имаат олеснувања и нема да бидат целосно опфатени со новите правила.

Предност при вработување – Студентите што студирале на топ-100 универзитети во светот со стипендија, добитници на Инженерски прстен или прогласени за најдобри, ќе имаат приоритет при вработување како наставно-научен кадар на факултетите.

Финансирање и конкуренција – Повеќе средства за универзитети што ќе исполнат повисоки критериуми. Буџетот за истражувања е зголемен на 773 милиони денари (двојно повеќе од претходно). Платите на професорите беа зголемени за 14 % лани.

Други новини – Мандатот на ректорот се продолжува на 4 години. Се воведуваат одбори за доверба за поголема транспарентност и отчетност. Агенцијата за квалитет ќе добие посилна улога со реорганизација.

Јаневска истакна дека нема да има масовни отпуштања на професори, туку ќе се реши проблемот со нерамномерна распределба на катедрите, превработеност на некои и недостиг на други. Вработувањата ќе се вршат по систематизација.

Очекува Собранието брзо да ги усвои законите, а реформите се дел од пошироката Стратегија за образование 2026–2032.

Најнови вести од: Македонија

Савески најави повлекување на сите обвинителски овластувања: „Затекнавме хаос во обвинителството“

Не може шеф на вишо обвинителство да застапува обвинение во друго. Па или шефувај, или оди на судења застапувај. Морам да знам кој што работи и еднаш засекогаш да се стави ред во Обвинителството“, рече Савески

Младите инженери ѝ се потребни на Македонија, таа мора да ги задржи, како?!

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, присуствуваше и се обрати на одбележувањето на Денот на македонските инженери, по повод 106 години од основањето на првото македонско здружение на инженери, во организација на
Инженерската институција на Македонија. Во своето обраќање, министерката испрати пораки за улогата на инженерите во развојот на
државата, со посебен акцент на младите и жените како клучни носители на идните процеси.

ТАВ Македонија: 30 години од првиот лет Скопје-Виена со „Аустриан ерлајнс“

ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, членка на групацијата АДП останува силно посветена на континуираниот развој на воздушниот сообраќај во земјата, преку унапредување на аеродромската инфраструктура, привлекување нови авиокомпании и отворање нови дестинации, со цел да ја зацврсти позицијата на скопскиот и на охридскиот аеродром како регионални центри за поврзаност и економски развој.

УЈП: Нема нови даночни обврски за студентите, ниту оданочување на веќе оданочени суми

Според јавно достапните информации и прашањата доставени до Управата за јавни приходи, данокот кој исплатувачите го задржале и платиле на доходот исплатен на студентите, им е вратен на студентите од страна на Германската даночна администрација. Овој доход (бруто износ) согласно одредбите од Договорот за одбегнување на двојното оданочување со Германија и Законот за данокот на личен доход е предмет на оданочување во Македонија. За дополнителни информации, граѓаните можат да се информираат преку официјалната веб-страница на Управата за јавни приходи.

To top