Македонија

„Облечи ја униформата со гордост!“: МВР распиша конкурс за 200 ученици

За упис во новото училиште, кое е именувано „7 Мај“ (Денот на македонската полиција), ќе може да конкурираат ученици со завршена втора година средно образование во кое било четиригодишно средно училиште во државава.

Министерството за внатрешни работи го објави јавниот повик за прием на 200 ученици во новото државно Средно полициско училиште – Полициска академија за учебната 2026/2027 година, со што по пауза од 26 години повторно се враќа средното полициско образование во Македонија.

За упис во новото училиште, кое е именувано „7 Мај“ (Денот на македонската полиција), ќе може да конкурираат ученици со завршена втора година средно образование во кое било четиригодишно средно училиште во државава.  Учениците што ќе се запишат ќе имаат настава по стручни и општообразовни предмети и ќе престојуваат во ученички дом (интернат) во склоп на Центарот за обука на МВР (Полициска академија) во Идризово, каде што за полицајци се школувани 24 генерации, од 1972 до 2000 година, во некогашното четиригодишно полициско училиште. Во согласност со јавниот повик, кога ќе матурираат МВР ќе им обезбеди работно место – полицаец.

За да се запишат кандидатите треба да ги исполнат  условите од конкурсот и да ја поминат селекцијата која ќе биде во три фази: проверка на моторички способности; писмено тестирање (општообразовен тест) и поединечен разговор (интервју) со кандидатот. Конкурсот е отворен од 3 јули и ќе трае 15 дена, до кога заинтересираните треба да ги достават потребните документи со пријавата, која е достапна за преземање во повикот на МВР.

Општи услови кои кандидатот треба да ги исполни се:да е државјанин на Република Северна Македонија, да нема навршено 18 години возраст на денот на објавување на јавниот повик, активно да го користи македонскиот јазик и да е здравствено и психофизички способен, што се потврдува со лекарско уверение издадено од лиценцирана установа.

Во посебните услови е наведено дека општиот успех во двете завршени години средно образование треба да биде најмалку „добар“ и на ученикот да не му се изрекувани педагошки мерки во училиштето каде што ги завршил прва и втора година средно образование. Во посебните услови се и успешно поминати трите фази од селекцијата.

Пријавата треба да ја поднесе родителот/старателот на кандидатот, заедно со потребните докази за исполнетост на општите услови. Како што е наведено во јавниот повик, пријавите се поднесуваат во Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје (полициските станици Гази Баба, Бит-пазар или Карпош) и во секторите за внатрешни работи во Битола, Велес, Куманово; Тетово, Охрид, Струмица и Штип. Селекцијата на пријавените кандидати ќе ја прави комисија формирана од министерот за внатрешни работи. Сите три фази од селекцијата ќе се спроведат во Средното полициско училиште – Полициска академија и од секоја фаза кандидатот ќе има освоено бодови.

Врз основа на вкупниот број освоени бодови од поединечните фази на селекција, Комисијата за прием и селекција на ученици ќе направи конечна ранг–листа на примени ученици, која ќе биде објавена на огласната табла на училиштето и на веб-страницата на Министерството за внатрешни работи.

М-р Влатко Митковски, помошник на министерот на Центарот за обука на МВР, за МИА изјави дека целиот процес на реализација на конкурсот и селекцијата се очекува да заврши околу средината на август. Вели дека секторите за внатрешни работи се веќе „блокирани“ од пријави на кандидати.

-Бројот од двесте кандидати ќе се пополни и очекуваме голема конкуренција, а кога има повеќе пријавени кандидати може да се направи и добра селекција. Комисијата е на одобрување кај министерот, ќе има претседател и најмалку четворица членови и нивни заменици од релевантните организациски единици на Министерството. Очекуваме до 15-20 август да заврши сè и потоа учениците ќе имаат мал одмор и време да ги средат административните обврски за отпишување од претходното училиште и запишување во училиштето „7 Мај“, изјави Митковски.

Средното полициско училиште – Полициска академија е формирано со одлука на Владата и врз основа на Законот за средно полициско училиште, кој беше донесен во август минатата година поради недостигот од формализирано средно полициско образование.

Пред објавувањето на повикот на МВР,  МИА го посети училиштето во Центарот за обука каде што интензивно се работеше на подготовка на капацитетите за првата генерација на возобновеното училиште.

Откога во 2000 училиштето беше укинато се спроведува основна полициска обука на кандидати од 18 до 25 години, избрани на јавен оглас, кои по една година во Центарот за обука засноваат работен однос во МВР.

Во зависност од потребите на Министерство за внатрешни работи, ќе постои можност паралелно со полициското училиште да продолжи да постои и  едногодишната основна обука за полицаец.

-Засега може да потврдиме дека во согласност со потребите на МВР ќе продолжи и едногодишната обука, меѓутоа не се знае кога би имало нареден конкурс. Сè зависи какви ќе бидат потребите затоа што сега ни завршува една класа, во моментов има селекција за друга класа, за Скопје 150, кои би почнале заедно со среднистите од 1 септември. Така што веќе ќе имаме една генерација во тек. За понатаму не може да кажеме, меѓутоа нема да запре. Какви ќе бидат потребите, така ќе се пушта конкурсот, изјави Митковски

Најнови вести од: Македонија

СДСМ: Паднаа маските, Игор Ивановски призна дека платформата ЗНАМ 2,0 е за рушење на партијата

Може колку сака да зборува за пад на СДСМ, но сите показатели говорат спротивно – новото раководство ја врати репутацијата и довербата кај своите гласачи, велат од „Бихаќка“

Британски агенции ги предупредуваат родителите да не објавуваат фотографии од своите деца на интернет

Тие ги предупредуваат родителите да не објавуваат фотографии од нивните деца на интернет, бидејќи со помош на ВИ тие можат да се претворат во порнографски материјал

Нова метода за прецизна дијагностика на срцеви заболувања – првпат извршена во Македонија

Тимот за интервентна кардиологија при ГОБ „8ми Септември” воведе нова, иновативна метода – „CoroFlow” – софистициран софтверски медицински систем за прецизна проценка и детектирање дисфункција во микроциркулацијата на срцевиот мускул, информира Министерството за здравство

To top