По повеќе од 15 години надвор од употреба, базенот во Полициската академија во Идризово е целосно реновиран и повторно ставен во функција.
За обновувањето биле вложени околу 5,7 милиони денари, а работите биле завршени за неполни три месеци.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска го посети објектот, каде што веќе се проверувале пливачките способности на кандидатите за прием во Специјалната антитерористичка единица „Тигар“.
Обновениот базен ќе се користи за обука на идните полицајци, специјализирани тренинзи на полициските единици, спасувачки вежби и одржување на физичката подготвеност на полициските службеници.
„Објект што повеќе од 15 години стоел запуштен, го вративме во функција за неполни три месеци. Со инвестиција од околу 5,7 милиони денари обезбедивме услови овој базен повторно да им служи на полициските службеници“, изјави Тошковски.
Базенот има и посебно место во македонската филмска историја. Во 1977 година во него биле снимани сцени од култниот филм „Исправи се, Делфина“, инспириран од спортскиот подвиг на Атина Бојаџи.
Тошковски најави дека продолжуваат инвестициите во модернизацијата на полицијата, подобрувањето на условите за обука и опремувањето на полициските службеници.