
Околу 5 милиони луѓе го зборуваат македонскиот јазик низ светот , пренесе во своето поздравно обраќање
проф. д-р Кристина Николовска,
директор на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при (МСМЈЛК) при УКИМ на Свеченото отворање на 58. Летна школа на МСМЈЛК.
Оваа бројка таа ја пренесува од врвен македонски интелектуалец кој цитира енциклопедии.
Николовска во својот говор цитира и споменува низа македонски легенди, луѓе кои се најзаслужни за статусот што го има македонскиот јазик во земјава и во светот.
Говорот кој изобилува со низа факти, цитати и историски аргументи и мисли кои треба да ги знае секој Македонец ви го пренесуваме во целост:
Ваша Eкселенцијо, најпочитувана Гордана Сиљановска-Давкова, Претседателка на Македонија,
Почитувана м-р Гордана Димитриеска-Кочоска, министер за финансии,
Почитувани екеселенции, амбасадори, дипломатски претставници,
Ваше Блаженство, почитуван г. Ѓеорги, митрополит на Дебарско-Кичевската епархија,
Почитувана проф. д-р Биљана Ангелова, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“,
Почитуван м-р Перчо Божиновски, претседател на Советот на Општина Охрид,
Почитувани членови на Ректорската управа и Советот на Меѓународниот семинар при УКИМ,
Почитувани проректори, директори, декани, академици, професори, предавачи, лектори и семинаристи на 58. Летна школа,
Почитувани македонисти од целиот свет,
Дами и господа,
15-ти житар, Лето господово 2025-то…
Петок – светол, та пресветол ден во светиот и светол град,
Во градот, традицијата, земјата, татковината на исконите од правека,
На ова древно, та прадревно македонско тло, раскошно Европско пратло на милиниумска историја,
Во престолнината на светскиот хуманизам, на крстопатите на древните цивилизации,
Во метрополата на културата, уметноста и убавината,
Добредојдовте…
Денес, свечено и химнично, Македонија и Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитет Св. „Кирил и Методиј“, достоинствено ги отвораат портите на светската македонистика, на ова свето и дрвено пратло од осум милиениуми историја, во срцето на древниот град Охрид, во скутот на бисерното Охридско Езеро.
Тој горд убавец, град раскошник, недостижник на светската мапа на културата и туризмот
И химнично е денес оти јасно е дека:
Од денес, Охрид две седмици ќе биде метропола на македонистиката
Денес сите патишта водат кон овој древен, та прадревен културен, духовен, уметнички, научен и туристички центар, град-изворник, во кој свечено се влеваат македонистичките образовни и научни води.
Денес ние, македонистите, сме океан од македонистика, кој расте со реките од сите страни на светот, енергија која е жедна и желна за знаење, наука и слово.
Од денес, драги македонисти ќе ги „позлатувате“ клупите на Конгресниот центар со знаење,
Денес сме горда река, од денес, две седмици древниот Охрид и прекрасната Македонија ќе бидат дом на словото, на филологијата – како љубов и посветеност кон науката, оти денес свечено го отвораме најголемото интернационално македонистичко собрание, а Охрид, станува метропола на светската и домашна македонистика.
Од денес Универзитетот Свети „Кирил и Методиј“, стожерник на интелектуалниот, општествен, прогресивен, високообразовен и научен капацитет на Македонија, две седмици, ќе биде топол академски дом на словоучение, филологија, културолорија, национална историја и етнологија.
Свечено, гордо, историско добредојде за реки-македонисти од целиот свет, кои во древниот град-убавец, град на духовната, уметничката, творечката, филозофската светлина, град-изворник, на традиција од 8 милениуми историја, од кој на праизворите на сесловенската писменост и култура, од денес, свечено, но и работно, посветено, акрибично ќе се влеваат нови и нови македонистички енергии на филологијата и културологијатата, преку 60 македонисти, семинаристи, верни посветеници на македонскиот јазик, литература и култура.
Оти само овде сонцето, како прастар сведок, сведочи за драмите на историјата, и оти само овде овде раскошното и гордо Охридско Езеро – води дијалог со праисторијата, археологијата, историјата на уметност, и оти ги знае
„тајните“ на поетите, сликарите, сонувачите и визионерите, запишани во вечноста, и оти само нашите поети ги научија дури и ѕвездите „да шепотат на македонски јазик“.
И така, поетот Конески знае дека, не само „судбинско“, туку и исконско „нешто се плело од века“, и дека на ова тло растело „моќно придвижување“ на нашите праучители, мисионерите великани, патрони на најстариот државен и најреномиран Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ и патрони на Европа – Светите Кирил и Методиј, чија дејност ја продолжуваат најверните им ученици Свети Климент и Свети Наум Охридски, чии „воздејства“ растат низ вековите ни.
И оти епохалните великани Светите Кирил и Методиј, генијални филолози и мисионери, визионери и културни дипломати, недостижниот и најверниот им Свети Климент Охридски, со право ги нарече „сонце“ за народите – „осветлувајќи го сиот свет“, та „му стана пастир и учител“ на сиот „словенски народ, којшто беше во незнаење и греовен мрак“.
* * *
Свечено добредојде за 60 семинаристи-македонисти од целиот свет на 58. Летна школа и за 65 учесника на 52. Меѓународна научна конференција. Отвораме врата за околу 125 посветеници на македонистиката.
Наредните две седмици, Конгресниот центар на УКИМ и градот Охрид ќе бидат академски македонистички дом на 60 македонисти од 17 земји како: Албанија, Англија, Бугарија, Италија, Народна Република Кина, Полска, Канада, Романија, Руската Федерација, САД, Словенија, Србија, Турција, Унгарија, Франција Хрватска и Чешка.
Импресивна е бројката и палетата од над 7.000 илјади македонисти – семинаристи од над 60 земји кои досега учествувале на Летните школи во Охрид и на Зимските школи, и на меѓународните научни конференции.
И потомци сме по идеја и визија, незнајни браќа и сестри по слово – со 3.500 ученици на Свети Климента и Наума, како што низ реката на УКИМ протекле милиони студенти, академски градители на иднина.
Грандиозната мисија на Меѓународниот семинар при УКИМ се гради 58 годинини во континуитет, прераснувајќи во стожерен македонистички центар, со величестена идеја и визија за афирмација на науката за македонскиот јазик, литература и култура, чија дејност се умножува низ светот преку лекторатите по македонски јазик.
Семинарот – значи континуитет, значи река, бесконечна македонистичка река која расте и се умножува во вечно умножение, оти клупите, моливот в рака,
нам ни се храмови, и оти нашите планини – се од книги, и оти филолог – значи да се љуби науката за јазикот и книжевноста.
Оти нам, јазикот ни е колострум, есенција на мајчиното млеко, но и мост на науката, соработката, пријателството и хуманизмот.
* * *
Годинава имаме исклучително богата и квалитетна Програма. Збогатениот и надграден концепт содржи: секојдневни редовни лекторски вежби по македонски јазик (на три рамништа: почетно, средно и напреднато), пленарни предавања, интерактивна и амбиентална настава од реномирани професори на УКИМ од областите: наука за македонскиот јазикот, наука за книжевност и културологија, со посебен акцент на етнологија и национална историја.
Оваа година научната екскурзија во јадрото на стариот град има „златна“ патека кон „трезорите“ на историјата, археологијата, историјата на јазик, историја на уметност, но и — уметност, духовност, креација и творештво.
Токму по тие патеки ќе чекориме драги македонисти, токму „По стапките на Свети Климента“ ќе расте амбиенталната настава во јадрото на прастариот и пресветол град Охрид, рака за рака, рамо до рамо, та за да растајнуваме, камче по камче од мозаикот ни, на историјата, древноста, исконите ни, словата ни, фреските, археологијата, лингвистиката и науката за книжевност и култура.
Оваа година, покрај теми за јубилејот – 80 години од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, на Летната школа и на Меѓународната научна конференција, ќе се чествуваат, проучуваат и препејуваат јубилеи на неколку великани на македонската книжевност: 195 години од раѓањето на Григор Прличев и Константин Миладинов, 90-годишнината од раѓањето на Ташко Георгиевски и Живко Чинго, и 70 годишнината од првообјавата на Анте Поповски.
Од Преведувачката работилница, планираме публикување на македонско-повеќејазичен зборник „Анте Поповски – на окан од јазици“, кој следната година ќе биде објавен во едиција со зборниците „Гане Тодоровски – на недорек јазици“ и „Петре М. Андреевски – на река од јазици“. Оставаме богата библиотека, која од денес ќе се збогати и со Зборник-Предавања од минатата година.
* * *
И да потсетиме,
Вековниот процес на раст на македонскиот јазик, се развивал со процесите на описменување, просвета, творештво, книжевност, култура и наука. На тој пат, се развиваат идеите и достигнувањата на великаните: Пулески, Мисирков, Миладиновци, Рацин, Конески, Тодоровски, Андреевски, Поповски и цела плејада македонисти, филолози, лингвисти, домашни и странски, како: Блаже Конески, Круме Кепески, Божо Видоески, Оливера Јашар-Настева, Крум Тошев, Лилијана Минова-Ѓуркова, Трајко Стаматовски и други, кои ја развиваат македонската линвистика. Особена заслуга за развој на странската македонистика и Меѓународниот семинар имаат врвните македонисти и слависти: Виктор Фридман, Ирина Усикова, Кшиштоф Вроцлаовски, Влоѓимејж Пјанка, Кристина Крамер, Ала Шешкен, Маќеј Кавка, и многу други.
Во лингвистиката е јасно дека агументираната научна кодификација на македонскиот јазик од страна на Крсте Мисирков ѝ претходи на правната кодификација на азбуката и правописот во 1945 година, како основни јазични документи за секој јазик. Пред нас е заветот и аманетот од Мисирков кој за народниот јазик вели: „Да си го сочува некој својот народен јазик и да му остане тој верен на духот на своите прадедовци и да почитува сè што имаат тие направено за своето потомство.“
Великанот Блаже Конески во својата статија „За донесувањето на македонската азбука и правопис“, вели: „Примањето на азбуката и правописот означи најкрупна победа на нашиот народ на културното поле. Со тоа ѝ се кладе крај на стихијноста во развитокот на нашиот литературен јазик и се направи решителен чекор кон неговото унифицирање“.
Во таа смисла говори и грандиозникот Анте Поповски кој го отвора: „Едно од големите прашања беше за големата етногенеза за еден народ.“ и се прашува: „И конечно, можеше ли да се случи – на една толку малечка земја, а да се згусне толку многу историско време? (…) Тоа се чудни нешта. Најпосле во тоа згуснато историско време ние и влегуваме преку парадоксот на една голема вистина, (…)“ која вели дека: „(…) историјата не може да не откаже нас. Тоа е потреба на самата историја.“
Анте Поповски говори за: „(…) мојата сакрална почит кон јазикот (…)“, знајќи дека: „(…) најголемиот, најсигурниот штит на еден народ е јазикот.“ оти: „(…) нам единствена татковина ќе ни биде јазикот. Тој ќе не обединува, низ него ќе шетаме, низ него ќе проповедаме, низ него ќе откриваме нови светови, јазикот значи, ни е нам таа татковина.“
Великанот Гане Тодоровски гордо извиши химна на македонството: „Јас македонствувам“ е мисла-водилка на неговата брилијантна и монументална творечка, научна и културна мисија.
И годинава, кога на државно и на академско ниво, достојно ја одбележуваме 80-годишината од македонскиот стандарден јазик (80 години од
озаконувањето на македонската азбука и македонскиот правопис), повеќе од потребно е да потсетиме на сјајниот говор на почитуваната Претседателка Гордана Сиљановска-Давкова, која во својата извонредна порака по повод 5 Мај, Денот на македонскиот јазик, истакна: „Нам, македонскиот јазик, како што наведува, ни е духовна храна, важна и потребна колку и мајчиното млеко, тој ни е идентитетско сонце, татковина од искона.
– Македонскиот јазик е река што извира од европски извор и се влева во морето на европската и во океанот на светската цивилизација. Близнак со народниот дух, македонскиот јазик битисувал во лошо и во добро низ вековите, зреел со македонскиот народ, растел и се збогатувал со новите зборови што никнувале за да ја изразат народната болка и радост, се калел и калемел во содејство со блиските јазици, плачел, шепотел, пеел, играл, им пркосел на оспорувањата и негирањата, опстојувал. Чест ни е што сме потомци на епохалните мисионери, Светите Кирил и Методиј, личности – филозофи кои ни ја дариле светлината на словото, писменоста, уката и културата, позлатувајќи нè со азбука, писмо и писменост не само нас, туку и сиот словенски свет.“
Исклучително значајна е согледбата на Претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, академик Живко Попов, кој истакна дека кодификацијата на македонскиот стандарден јазик е: „(…) настан кој овозможи озаконување и официјализирање на литературниот македонски јазик не само во рамки на тогашната Народна Република Македонија, туку и негово внесување во светското семејство на литературни јазици.“, заклучувајќи дека: „Официјализацијата е логичен след на долговековниот просторен и временски континуитет на македонскиот јазик.“
Вековниот ни раст на македонскиот јазик, великанот Петре М. Андреевски маестрално го доживува вака: „Јазикот е нашиот прв споменик, нашата прва жива библиотека и вечна химна.“
„Спокоен сум затоа што знам дека Македонија има централно место во светската цивилизација: двете светски писма и еден од првите универзитети. Македонија, ако сакате, е библиска земја и јас би рекол дека е постара и од Европа.“ – ќе изјави Андреевски.
Големиот Јордан Плевнеш вели: „Македонскиот јазик е интерконтинетален јазик, бидејќи на него се зборува, се учи, пишува и сонува во Европа: во Република Македонија како национален јазик, во соседните земји (…) како малцински јазик и во европските држави, каде што живеат македонски заедници (…). Според светските енциклопедии македонскиот јазик го зборуваат околу пет милиони, расфрлани по континентите од Латинска Америка, преку Африка и Азија (…)“.
Денес, македонистиката е студиозна, компетентна, стабилна наука, која се развива. Меѓународниот семинар при УКИМ е континуирано посветен на развој, поддршка и унапредување на Лекторатите по македонски јазик во странство, и на центрите во кои се изучува македонистика.
Исклучително е значајно лекторатите и Меѓународниот семинар да бидат поддржани како институции од национален приоритет, кои имаат интернационално значење. Нашите заложби резултираа со одржливост и раст на 11 лекторати во светот. Радува фактот што за македонскиот јазик во светот има голем интерес.
Меѓународниот семинар денес е пред нови хоризонти, развивајќи процеси на афирмација. Грижата за развој и поддршка на лекторатите на странските универзитети е наш и високообразовен, научен и национален приоритет. Пред нас е процес на отворање на нови лекторати и возобнова на згаснатите. Наскоро, со голема поддршка на Министерството за образование и наука и на Министерството за финансии, планираме отворање на два лекторати во Неапол (Италија) и Нитра (Словачка).
Зачењето на Меѓународниот семинар е од интернационален интерес и има пошироко значење за светска афирмација на македонистиката. Неговата дејност е длабоко вградена во столбовите на студиозната, посветена, континуирана и научно фундирана македонистика, која е врвен репрезент на науката.
Почитувани,
На овој свечен ден, изразувам длабока благодарност и почит до претседателката на Македонија Н.Е. Гордана Сиљановска – Давкова, што е наш прекрасен и драгоцен патоказ кон врвните хуманистички и цивилизациски вредности како: науката, уметноста, културата, културна дипломатија, мирољубие и космполитизам. Врвниот државнички капацитет на брилијатната наша претседателка е сјајна метафора за мудрост, наука и хуманизам, каде идеалите на науката, културата и уметноста се на највисок пиедестал.
Воедно имам чест да ѝ го честитам на Претседателката Сиљановска-Давкован високото признание „Синергии“ за особен придонес во развој на македонистиката, која на најубав начин ја шири мисијата на македонистиката и на МСМЈЛК при УКИМ во светот преку културна дипломатија и развива интернационална академска, високообразовна и научна афирмација.
Искажувам исклучителна благодарност до ректорката на УКИМ Биљана Ангелова за извонредниот влог, посветеност и поддршка на Меѓународниот семинар при УКИМ, како ректорски и универзитетски приоритет,
Благодарност до Ректорат, Ректорската управа и Советот на МСМЈЛК при УКИМ,
Изразуваме голема благодарност за поддршката на лекторатите по македонски јазик од страна на Владата на Македонија, од ресорните министерства: Министерството за образование и наука и Министерството за финансии, кои покрај постојните, подржаа барања за отворање на нов лекторат во Нитра, Словачка и возобнова на лекторатот во Неапол, Италија.
Посебна благодарност до Министерството за култура и туризам, како главен поддржувач на манифестацијата и до почитуваниот г. Зоран Љутков, министер за култура и туризам.
Благодарност до м-р Гордана Димитриеска-Кочовска, министер за финансии за големата поддршката на лекторатите по македонски јазик, и честитки за призаннието „Синергии“,
Благодарност за одличната соработка со и поддршка од страна на проф. д-р Весна Јаневска, министер за образование и наука,
Благодарност до Општина Охрид и градоначалникот г. Кирил Пецаков и заменик-градоначалникот м-р Перчо Божиновски, за традиционалната поддршка и сјајната соработка.
Благодарност до Стопанската комора на Македонија, АД Алкалоид, мрежата Цеепус за поддршката на Семинарот,
Благодарност за поддршката на Амбиенталната настава, до Македонската православна црква – Охридска патријаршија, до Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, до директорот м-р Горан Патчев и до „Струшките вечери на поезијата.“
Благодарност до АКУД „Мирче Ацев“ и до КУД „Дримкол“ од Вевчани, и до музичкото училиште во Охрид,
Благодарност до Конгресниот центар во Охрид.
* * *
Голема чест ни е што на предлог на Меѓународниот семинар, почитуваната Ректорка Ангелова, денес ќе врачи благодарници „Синергии“ и награда „Воздејства“ за особен влог во поддршка и развој на македонистиката.
Им честитам на достојните угледници, годинашни добиници на благодарниците „Синергии“, и на проф. д-р Маќеј Кавка од Полска му ја честитам наградата „Воздејства“. Јасно е дека без градење на мостови на културите –наречени „синергии“ и без капитални, суштински влијанија како „воздејства“, македонистиката не може да има контиуниран и квалитетен раст и подем.
Наградата „Воздејства“ е инспирирана од согледбата на Блаже Конески, за кого мисијата на Свети Климент е „моќно придвижување“: „(…) Климентовиот центар не беше некаква ефемерна појава, ами неговото воздејство ќе се чувствува во идните векови.“
* * *
И светол е денот оти знаеме дека дека сме горди потомци на великаните, по слово и по писмо, но и подвиг, оти од нас расте македонскиот искон низ скалилата на книгите, оти нашите планини се од книги, како нашата посестрима Галичица, а ние одново и одново заедно се прераѓаме во зборот.
Сите згуснати во зборот, македонскиот ни збор, топло вдомени во македонскиот ни јазик, во „топлото семе на својот јазик“, би рекол Анте Поповски, сраснати за него како со „брат-близнак“.
Оти јасно е дека „не постои ништо што не е збор“,
Оти нам, на лингвистите, фиололозите, културолозите, зборољупците, стиховљубениците – душата ни расте и цути крај ракописите, книгите, факсимилите, резбите, стихорезбите, стиховезбите ни, фрескописите – кои ете, Господ решил да ни ги дарува, та да разденат во прекрасна и чиста – наука, врвна светлина.
Почитувани,
Денес, на овој свечен ден им искажувам длабока благодарност на сите македонисти – од сите простори и времиња. Минати, сегашни и идни.
Благодарност за монументалната македонистичка мисија.
Денес свечено го поздравувам македонистичкиот „океан“, кој е река од реки, река од енергии кои од денес се влеваат во Охрид.
Македонскиот јазик е наша, заедничка вредност и константа – каде и да сме.
Да ја сочуваме, негуваме, растеме и усовршуваме македонистиката како студиозна академска, научна и културна вредност од врвен национален и интернационален интерес.
Чекорејќи по стапките на Свети Климента, со книга в рака и светлина во душата и зборот, река-македонисти од целиот свет…
проф. д-р Кристина Николовска,
директор на МСМЈЛК при УКИМ