Според информациите, Јакимовски доброволно се пријавил на издржување на казната, по што, согласно затворските процедури, треба да биде сместен во приемното одделение на установата. Претходно од Основниот кривичен суд Скопје соопштија дека тој бил упатен на 2 јули 2026 година да се јави во Затворот Скопје за започнување на издржувањето на казната. Сепак, почетокот на издржувањето бил одложен по негово барање, поднесено на 12 јуни, во кое се повикал на здравствени причини.
Од Судот информираа дека од двете приватни здравствени установи, што Јакимовски ги навел во барањето, била побарана дополнителна медицинска документација за неговата здравствена состојба, но до тој момент не бил добиен одговор. Поради тоа, на 26 јуни судот испратил и ургенција до здравствените установи.
Судот посочи дека одлуката за тоа дали и за колкав период ќе биде одложено издржувањето на казната требало да биде донесена по разгледувањето на целокупната медицинска документација, поради што Јакимовски не се јавил во затворот на 2 јули, како што првично беше определено.
Јакимовски е правосилно осуден на една година затвор за незаконската изградба на општинската зграда во Карпош. Во изречената казна ќе му бидат пресметани и петте месеци што ги помина во куќен притвор.