Пензионерите кои стравуваа дека ќе се укине законот за линеарно покачување на пензиите конечно здивнаа. Граѓаните ја поздравуваат одлуката на Уставниот суд кој го отфрли сомнежот за неуставност на овој закон и истиот останува на сила.
Дел од нив сметаат дека покачувањето треба да биде уште поголемо. Повеќе пари за лекови, храна и основните потреби на постарите лица. Пензионерите со помали примања одат чекор погоре, а животниот стандард се подобрува за сите подеднакво.
„Нормално, добро е. Редно е да ни ги качат. Треба да биде линеарно. Ние што земавме мали пари, ќе ни се подобри стандардот. И 2.000 значат во оваа скапотија. Одличен потег на Владата, така и треба. Ја поздравувам мерката. Еве, 1.000 отиде – добро е. Рамноправно е за сите. За сите исто е најдобро. Повеќе значи за оние со пониски примања, малку чекор погоре да отидат. Линеарно повеќе им се исплати на лицата со помала пензија. Задоволен сум со мерката, супер е. Не е убаво некој да има, а некој да нема. Барем да не се лутиме, само нека ни ги покачат. Ќе се подобри стандардот, ќе имаш некоја паричка повеќе. Линеарното е – кој за кого, за секого да биде исто. Никогаш нема линеарно да ги зголемат онолку колку што треба“.
Пензионерите кои веќе добија зголемување од 1.000 денари со септемвриската пензија, истата сума треба да ја добијат и со мартовската исплата, согласно законските решенија усвоени во 2025 година.
Линеарното покачување на пензиите почна да го спроведува Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ пред речиси две години, оттогаш примањата на сите пензионери се зголемија за по 7 илјади денари. Инаку овој закон се стави на маса за оценување на уставноста откако беше поведена постапка по иницијтива на уставната судијка Добрила Кацарска, по што еднаш веќе се гласаше и иницијатива не помина, а судот одлучи да го повтори гласањето по изборот на деветтиот судија.