Македонија

Почина Волф Ошлис, амбасадорот на македонската кауза: Ако Европа ако ја изгуби Македонија, ќе се изгуби и себеси!

На 30 август 2026 година германските научни платформи објавија потврдена вест, која е повеќе од тажна за македонскиот народ и Република Македонија: уште на 18 август 2026 година почина професор доктор Волф Ошлис, германскиот и европски македонист со непроценливо значење на неговиот политичко-јазичен македонистички ангажман за македонскиот народ и јазик, за одбраната на националната, идентитетска, јазична, културна и историска засебност и самобитност на Македонците наспроти сите нивни негирања како народ. Неговата реченица: „Нема ништо полесно отколку да бидеш пријател на Македонија. Јас сум тоа од 1975 година…“ ја отсликува неговата длабока професионална, но и лична, чувствена врска со македонската кауза.

Пишува: Свето Тоевски

Авторот на овие редови со многу аргументи го означува Волф Ошлис како „македонски Германец“ и „Германски Македонец“.

Токму во ваков контекст нималку случајно самиот тој ќе ја издаде својата бележита научна студија со укажувачки наслов „Книгата „ГерМакедонија (Студии за македонско-германската заемност низ вековите) на 19 декември 2012 година од издавачката куќа [„Македоника литера“] од Скопје. Со смртта на Волф Ошлис (1941–2026) Македонија загуби еден од своите најпосветени странски македонисти, а германската славистика и политичка публицистика изгубија автор кој речиси половина век истражуваше, пишуваше и говореше за македонскиот јазик, македонската култура, историја и национална посебност.

Ошлис не беше само „пријател на Македонија“. Беше германски славист, политиколог, публицист и долгогодишен истражувач на македонската проблематика, автор и коавтор на капитални дела за македонскиот јазик и култура. Неговата работа има особена тежина токму затоа што доаѓаше од германскиот научен и интелектуален простор, практично од срцето на интелектуална и научна Европа. Во 2019 година Ошлис беш одликуван со „Медал за заслуги за Македонија“, со образложение: „за исклучителен придонес за афирмацијата и за популаризацијата на современиот македонски јазик, литература и култура во Сојузна Република Германија, како и за унапредувањето на пријателските односи меѓу Република Македонија и Сојузна Република Германија.“

Ошлис: Македонскиот народен јазик како темел на македонската самобитност

Волф Ошлис на промоцијата на неговата научна студија „Проблемот на јазикот на Македонците во трудовите на раната германска македонистика“.

Еден од најзначајните текстови на Ошлис е неговата студија „Проблемот на јазикот на Македонците во трудовите на раната германска македонистика“.

Во неа Ошлис силно аргументира дека македонскиот јазик не е политичка конструкција, што започнува со некој и нечиј административен акт, туку оти македонскиот народен јазик е основата, врз која во текот на многуте векови наназад во историјата се развива современата македонска писменост.  Тој систематски ги истражува германските научници, географи, слависти, публицисти и патеписци, кои пишувале за Македонија уште во XIX и почетокот на XX век.

Во оваа студија за раната германска македонистика Ошлис покажува дека постоеле германски научници, кои експлицитно ги третирале  Македонците со нивниот македонски јазик  како посебен етникум. , Ошлис укажува на ставот на германскиот славист Алфонс Маргулиес ека самобитноста на македонскиот јазик „не само што е неспорна, туку и лесно разбирлива“. Особено значајно е неговото истражување на германскиот географ Леонард Шулце-Јена .Ошлис пишува дека Шулце-Јена ги отфрлил „сите напори однадвор да ги поделат Македонците според етнички, јазични и други критериуми, за да им се досудува припадноста на некоја друга народност.“ И додава дека Шулце-Јена не само што зборувал за сопствениот јазик на Македонците, туку го документирал со конкретен македонски лексички материјал.

Неговата најдиректна борба беше против тезата дека македонскиот е „вештачки јазик“, „создаден во 1944/1945 година“. Токму затоа неговиот „Учебник по македонски јазик во 50 лекции“ („Lehrbuch der makedonischen Sprache in 50 Lektionen“ има многу поголемо значење од обичен учебник. Првата верзија, објавена во 1984 година во соавторство со Вера Боиќ, беше претставена како првиот учебник по македонски јазик објавен надвор од границите на поранешна Југославија; Ошлис потоа целосно го преработил и проширил делото, објавувајќи ја новата верзија во 2007 година.

Од Мисирков до современа Македонија

Ошлис не остана само на лингвистиката. Тој го преведе на германски јазик капиталното дело на Крсте Петков Мисирков, „За македонцките работи“. Објави и повеќе  други студии за Мисирков, Блаже Конески, македонската книжевност, за Охридската книжевна школа, АСНОМ и германско-македонските културни врски. Но, научната вредност на Ошлис е токму во тоа што тој не ја сведува македонската историја само на АСНОМ. Неговите истражувања одат наназад кон германските сведоштва за Македонија од XIX и раниот XX век, а неговиот интерес и истражувања на македонската историја се протегаат од Наум Охридски и Миладиновци, преку Мисирков, до Конески и современата македонска држава.

Проф.д-р Волф Ошлис

Ошлис не беше само научник — беше и јавен бранител на Македонија. Тој беше моќен европски и светски политичко-јазичен амбасадор на македонската кауза, на Македонското прашање. Тука се гледа неговата посебност. Тој беше политиколог и публицист, па неговото пишување не остануваше затворено во славистичките катедри. Пишуваше за современата Македонија, кризата од 2001 година, македонската дијаспора и германско-македонските односи.

Ошлис остава трајно наследство како научен бедем против секое негирање на правото на Македонците самите да ги именуваат како македонски својот идентитет, историја и јазик 

Волф Ошлис пет  децении го изучувал македонскиот јазик, ја истражувал македонската историја и култура, го преведувал Мисирков, пишувал за АСНОМ, учествувал на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура и со својата научна и публицистичка работа го внесувал македонското прашање во германскиот и европскиот јавен простор. Неговата најголема заслуга, сепак, не е во тоа што „застанувал на македонска страна“ во политичките спорови. Неговата најголема заслуга е тоа што македонската посебност ја бранел, пред сè, со документи, со јазик, со научни извори и со сведоштвата на европските автори. Затоа неговото наследство е важно и денес, кога повторно се оспоруваат македонскиот јазик, националниот идентитет, историската посебност и културната самобитност.

Ошлис остави зад себе моќно научно наследство во прилог на македонската кауза. Затоа неговата смрт не е само загуба за македонскиот народ и Македонија. Таа е загуба за германската славистика, но и за европската македонистика. А неговото дело останува и како научен бедем против секое негирање на правото на Македонците да ги именуваат како македонски сопствената историја, култура, јазик и идентитет.

Најнови вести од: Македонија

Легендарниот македонски војвода Александар Турунџе пред да си стави јамка на вратот на 30.8.1905: Македонија ќе биде слободна!

„Личната трагедија на македонскиот револуционер, ајдутин, четник и војвода Александар Турунџев, кој е предаден на турските власти за 150 златници од свој сонародник, по што бил обесен на Ат-Пазар во Битола на 30 август 1905 година, освен што е симбол на она што многу често провејува низ македонската историја – предавството, многу повеќе е национален херој и симбол на борбата за слобода на македонскиот народ.Погубувањето на Турунџев се одвивало пред бројни сведоци, меѓу кои и неговата сопруга и нивните две малолетни деца, ќерка и син, кои биле принудени немо да го гледаат испуштањето на последниот здив на својот татко.“ – објави Македонската информативна агенција – МИА.

Штип е без вода: Филтер станицата исклучена, поради крајно големата заматеност од синоќешното невреме

Градот Штип од 14 часот е без вода за пиење. Филтер станицата се исклучи од цевководот на хидросистемот „Злетовица“ поради големата заматеност на водата која пристигнува од браната Кнежево, информираше на вонредната прес-конференција директорот на ЈП Исар Штип Александар Арсовски.

ЗНАМ го осудува глорифицирањето на воените злосторства

Движењето ЗНАМ најостро ги осудува воените злосторства случени на поранешните југословенски простори, вклучувајќи ги и хашките случаи во Македонија од 2001г., и секој обид за нивна глорификација, релативизација или оправдување

Национален дата центар е обврска од реформската агенда

Македонија веќе има дата цента во Прилеп. Но, тој не е основен, туку секундарен што значи во случај на евентуален сајбер напад на системот на поединечна институција, таму се чуваат податоците кај секундарниот. Сега секоја институција наоѓа начин како ќе ги чува своите податоци

To top