Македонија

Поранешен висок функционер во партијата со мрачни прогнози за СДСМ

Изборите ќе бидат тежок тест. Веројатноста е дека – СДСМ ќе изгуби над 80 отсто од општините што ги контролираше во 2021 година. Ќе се намали бројот на советници, ќе се изгубат сите урбани средини, а партијата ќе мора да се соочи со внатрешна дебата каква што немала уште од поразот во 2006 година

Во историјата на секоја сериозна партија, особено на оние што го носеле товарот на државноста, доаѓа момент кога не е најважно дали ќе се освои уште еден мандат, уште една општина или уште едно советничко место. Доаѓа момент кога прашањето не е „дали ќе победиме“, туку „дали уште постоиме како политичка идеја“. Таков е моментот што стои пред Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во пресрет на локалните избори во октомври 2025 година, пишува Кирил Колемишевски во анализа за НОВА МАКЕДОНИЈА.

Ова не е изборен тест како оние од минатото. Не е ни битка за власт во Скопје, Битола или Струмица. Ова е тест за опстанок на една идеја што ја градеа генерации. Идејата дека државата може да се гради на компромис, на европски вредности, на солидарност и на баланс меѓу националното достоинство и меѓународната одговорност. Таа идеја денес е речиси невидлива. Не е исчезната, туку потисната под тежината на годините во кои се зборуваше многу, а се слушаше сѐ помалку. Години во кои со политиката се експериментираше, а партијата се оддалечуваше од народот.

Како човек што чекорел низ структурите на СДСМ, што дебатирал, гласал, предлагал, критикувал, од позиција на обичен член, член на Централен правен комитет, одговорен функционер за изборни единици, до претседател на Комисијата за економија и до функција на заменик-министер, чувствувам обврска да проговорам, не со носталгија, туку со чувство на грижа. Не затоа што сакам да напаѓам, туку затоа што знам колку вредеше борбата што ја водевме низ годините.

СДСМ е политички организам што преживеал повеќе порази од кој било друг. Лично сум сведочел на поразите, седејќи во некој агол од салата и гледајќи беспомошно во екранот што ги прикажуваше резултатите од секое избирачко место, минута по минута. Но СДСМ секогаш се враќал, бидејќи зад себе имал луѓе, структури, генерации што верувале во неговата втора шанса. Овој пат таа шанса е поинаква. Помалку извесна. Поврзана со длабока нужност за внатрешна катарза. Соочување со фактот дека ако не се отвори целосен простор за реформа, кадровска, идеолошка, комуникациска, оваа партија би можела да влезе во процес на бавно исчезнување.

И не се работи само за бројки, иако тие зборуваат јасно, прецизно и сурово. Анкетите покажуваат драматично опаѓање на поддршката, теренот сведочи за повлекување на редовните активни членови, а мнозинството од локалните раководства функционира по инерција, повеќе од навика, отколку од верба во успех и победа. Некои од градоначалниците избегнуваат соочување со граѓаните, некои советнички групи не се ни консолидирани, а Социјалдемократската младина на Македонија, која во минатото знаеше да биде мотор на обновата, денес е тивка и отсутна, како да чека повик што никако да дојде.

Партијата се обидува да зборува за реформи. Пред јавноста, во изјавите, најверојатно и во внатрешните дебати. Но она што му недостига на тој процес е гестот, чекорот, моментот, што ќе ја врати автентичноста. Гестот што ќе покаже дека СДСМ е подготвен да се менува не од потреба за власт, туку од обврска пред историјата. Тоа може да биде отстапување простор за нови генерации. Признавање одредени политички грешки, особено оние што допираа до најдлабоките идентитетски прашања. Или. едноставно, глас што ќе зборува на јазикот што го разбира обичниот човек, без превод од бриселски речник.

Но, и тоа нема да е доволно. Ќе треба да се донесат и неколку тешки, болни, но неопходни одлуки. Ќе мора конечно да се направи јасна линија меѓу партијата и дел од поранешните, а и сегашните функционери што симболизираат стар систем, корупција, надменост и арогантност. Ќе мора да се прифати дека некои генерации веќе ја завршија својата политичка улога и дека нивното присуство денес не обединува, туку иритира, создава одбивност и е предмет на потсмев и игнорирање. Некој ќе каже дека и јас сум дел од таа структура и лично немам ништо против неговиот или нејзиниот став. Тоа е темелот на демократијата. Кога сме веќе кај демократијата, која е дел и од името на партијата, ќе мора да се отвори целосно процесот на внатрепартиска демократизација. Не симболично. Не со избори на „претходно договорени листи“. Туку со искрено враќање на партијата кај членовите, месните одбори и општинските организации. Еден член, еден глас. Една идеја, еден тест на искреност.

Ќе мора да се изгради нов наратив за иднината на државата, кој нема да се базира на страв од изолација или закани од пропуштање некои бирократски датуми наложени од удобни и добро платени бриселски фотелји. Туку, на уверување дека Македонија заслужува место во Европа без да плати со најмилото, најболното и најсаканото. Без да плати со јазикот, со историјата и со достоинството.

Ќе мора да се отворат вратите за луѓе што со години биле надвор од партијата, но никогаш не престанале да веруваат во левичарските вредности. Ова особено се однесува на „белите“ и „ќелави“ глави, кои поминале премногу во животот за да може некој да ги корумпира или да ги уценува со непристојни предлози. Да се прифати дека критиката однадвор понекогаш е поскапоцена од аплаузот одвнатре. Ќе мора да се изгради нова врска со младите, со работниците, со учителите, со пензионерите, со селаните, со сите оние што некогаш го гледаа СДСМ како свој политички дом, а денес немаат кому да му се јават. Не само што немаат кому да му се јават туку и ги имаат избришано од броевите од телефонската меморија и ги имаат искинато страниците од старите пожолтени тефтери. И ќе мора, на крајот, да се сфати дека реформата не е опасност. Таа е последниот услов за опстанок.

Што ќе се случи во октомври?

Изборите ќе бидат тежок тест. Веројатноста е дека – СДСМ ќе изгуби над 80 отсто од општините што ги контролираше во 2021 година. Ќе се намали бројот на советници, ќе се изгубат сите урбани средини, а партијата ќе мора да се соочи со внатрешна дебата каква што немала уште од поразот во 2006 година.

Но и покрај тоа, октомври може да биде нов почеток, ако се сфати како последно предупредување, а не како пораз. Доколку раководството има капацитет да иницира длабоки, а не козметички промени, и ако се формира нов политички наратив што ќе го помири социјалното со националното, граѓанското со народното, тогаш СДСМ може повторно да стане сила што обединува. Октомври нема да биде само суд за досегашните политики, туку одлука дали СДСМ ќе остане заложник на сопствените грешки или ќе се осмели да стане нешто ново, посилно и поискрено од кога било досега. Не веднаш. Но со време. И со вистинска искреност.
Ова не е текст против СДСМ. Ова е обид за потсетување дека вистинските вредности не умираат. Туку само мируваат, додека некој не ги повика назад.

Кирил Колемишевски е обичен граѓанин што пишува за она што сите го чувствуваме, но ретко го кажуваме. Верува дека Македонија има душа што може да се разбуди, ако секој од нас почне со себе

Кирил Колемишевски во анализа за НОВА МАКЕДОНИЈА

Најнови вести од: Македонија

Хаќим Рамадани бара „итна средба за нерегуларностите на изборите во Брвеница“ со претставниците на меѓународната заедница

Медиумите на албански јазик пренесуваат и сѐ уште непотврдена информација од објава од негов поддржувач, пласирана вчеравечер на фејсбук-профилот на Рамадани: „Во вториот круг на локалните избори на 2 ноември за кандидатот од ВМРО ДПМНЕ за претседател на општина Брвеница Јовица Илиевски беа дадени 34 гласови во планинското село Гургурница, исцело населено со Албанци“. Покрај таа објава, овој поддржувач и бездруго гласач за Хаќим Рамадани ја напишал и следнава реакција на општествената мрежа: „Ги чувствувам тие 34 гласа за кандидатот на ВМРО ДПМНЕ во село Гургурница како 34 ножеви во моето тело.“

Орце Ѓорѓиевски: Скопје е ослободено! Не победив само јас, Скопје победи! Победи народот, кој никогаш не се откажува!

„Влегуваме во ново време, во време на работа и на дела, не на изговори. Ние нема да застанеме додека секој човек не се чувствува горд, што живее во своето Скопје.“ – порача преку општествената мрежа фејсбук новиот градоначалник на Скопје Орце Ѓорѓиевски.

ДИК ги објави првичните резултати: убедлива победа на ВМРО-ДПМНЕ и во вториот круг

Според првичните резултати, кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата водат во 21 општина, кандидатите на Коалицијата Вреди во четири општини, кандидатите на СДСМ и Коалицијата во три, додека Движењето ЗНАМ, Унија на Роми, Национална Алијанса за Интеграција – НАИ и Група избирачи Менди Ќура освоија по една општина.

Мицкоски: Падна митот дека Кичево е нивно или наше, тоа е на народот! Македонија може да биде пример на соживот, ред и напредок!

„Вечерва не славиме против некого. Славиме за Македонија. Славиме за новата енергија, што ја движи државата напред, за работата, за ред, за одговорност.“ – порача премиерот на Република Македонија и лидер на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски од Кичево.

Вреди ја прослави изборната победа во Тетово: Го испративме Али Ахмети во политичка пензија, следи нов почеток!

„Време е Али Ахмети да поднесе оставка, а ДУИ да се реформира, ако сака да преживее како партија на политичката сцена.“ – посочи шефот на централниот изборен штаб на коалицијата Вреди Аднан Азизи.

Меџити: Граѓаните одлучија дека легитимитетот на Албанците го има коалицијата Вреди

Новиот претседател на општина Чаир и еден од лидерите на коалицијата Вреди Изет Меџити нагласи дека овие локални избори го урнаа тврдењето на Али Ахмети и неговите сопартијци од ДУИ оти „тие го имале легитимитетот на Албанците“.

To top