Претседателот на единствената партија на Македонците во Албанија, Македонска aлијанса за eвропска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, денеска беше во посета на Муфтиството на Корча, пренесувајќи му ги честитките по повод Рамазан Бајрам на муфтијата Ледиан Цикалеши, со желби за здравје, радост и среќа.
– Од име на Македонците вам и на сите верници во посакувам честит Рамазан Бајрам. Нека овој свет ден донесе мир, благосостојба и хармонија во секое семејство што го слави. Нека надвладее духот на солидарност и разбирање, делејќи ја радоста со оние на кои им е најпотребна, посакал Стерјовски.
Додал дека толеранцијата и меѓурелигискиот соживот се вредности што нè обединуваат и нè збогатуваат како општество.
-Ова посебно време е убава можност за сите нас да размислуваме и да ги потврдиме вредностите на хармонијата, толеранцијата и духовниот напредок. Рамазан Бајрам симболизира период на размислување и радост, време кога суштината на мирот и среќата се споделува меѓу сите. Се надеваме дека овие денови дополнително ќе ги зајакнат врските на заедницата, разбирањето и заедничката хуманост, стои во посебната честитка од МАЕИ до верниците.
Цврсто сме убедени, се нагласува, дека пораката на овој голем празник го зајакнува нашето верување дека, преку нашите колективни напори, можеме ефективно да одговориме на предизвиците на современиот свет.
-Во оваа посебна пригода, исто така, изразуваме надеж дека ќе продолжиме заедно да ги славиме празниците на различните верски заедници. Овие прослави не се само празнични прилики, туку се темелни столбови за градење и одржување на хармоничен соживот меѓу сите. Нека овој Рамазан Бајрам донесе повеќе единство, мир и просперитет за сите, посакува во честитката на МАЕИ по повод Рамазан Бајрам.

Празникот го честиташе и Македонското друштво „Илинден“-Тирана наведувајќи дека „Ваквите големи празници не потсетуваат дека без разлика на потешкотиите кои ни се издигнуваат како животни препреки, секогаш треба да чекориме по вистинскиот пат”.
-Помеѓу луѓето постојано да владее слога и почитување без разлика на религиската, верската, или каква било друга определба, стои во честитката потпишана од Никола Ѓурѓај, претседател на Македонско друштво „Илинден“-Тирана.