Македонија

Притворот на газда Деко истекува на 3 октомври, одбраната најави гаранција во имот

Одбраната тврди дека газда Деко ќе биде присутен и по 3-ти октомври

Одбраната на првообвинетиот за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, Дејан Јованов, најави дека во текот на оваа недела ќе поднесе гаранција во имот за определување мерки на претпазливост, со оглед на тоа што на 3 октомври по сила на законот му истекува едногодишниот притвор.

Адвокатката Ивана Коцевска на денешното рочиште во судницата во „Идризово“ при Основниот кривичен суд Скопје побара дозвола од судот нотар да го посети Јованов во притвор за да се завери изјава за согласност за оптоварување на имотот што ќе биде понуден како дел од гаранцијата.

– По сила на законот на Дејан Јованов му истекува притворот на 3 октомври и тоа не е по вина на одбраната, туку по закон. Имајќи предвид дека судот може да даде само мерки на претпазливост, најавуваме дека во текот на оваа недела ќе биде поднесен предлог за определување гаранција – изјави Коцевска.

Вината зошто на овој судски процес сè уште не му се гледа крајот, според Коцевска, се широкото опфатено обвинение и долгата временска рамка и неможноста за докажување на одговорност.

– Не ја негираме одговорноста на Дејан за настанот, туку бариме да му бидат почитувани неговите права. Фер постапка и фер судење не е привилегија на обвинетиот, туку гаранција и мора да се почитува и во најтешките предмети – изјави Коцевска.

Коцевска нагласи дека одбраната е спремна да предложи гаранција заради поголема сигурност и за судот и за јавноста дека Јованов ќе биде обезбеден, присутен и достапен во целост во понатамошниот тек на оваа постапка.

Одговарајќи на новинарско прашање на пауза од денешното рочиште, Коцевска нагласи дека тие не негираат одговорност кај Дејан Јованов, туку дека нивната борба е да се утврди реална правна квалификација за одговорноста кај него, што, како што нагласи, „не може да биде со умисла, туку може да биде само од небрежност“.

– Ние не дадовме признание на вина во текот на постапката од проста причина што ја негираме правната квалификација на делото. Умислата ја негираме. Со самото тоа ние не ја негираме одговорноста што постои кај Дејан Јованов. Кај Дејан Јованов де факто постои одговорност, меѓутоа не на начинот кој тоа е срочено во обвинението. И затоа бараме да се дозволи да му се почитува правото и на фер начин да се утврди неговата одговорност за која ние се бориме – изјави Коцевска.

Судијката Дијана Груевска-Илиевска постети дека уште од почетокот на судскиот процес се почитува и ќе се почитува законот и правото за секој.

-Точно е дека ниту по ваша вина, на одбраната, ниту на судот, притворот од една година мора да заврши – изјави судијката Груевска-Илиевска.

Родителите на децата што ги загубија животите во пожарот во дискотеката “Пулс”, во изјава за медиумите на пауза од денешното рочиште, прашани за истекот на затворскиот притвор на првообвинетиот Дејан Јованов и дали стравуваат дека обвинетиот ќе биде обезбеден и ќе доаѓа редовно на судење како досега, порачаа дека тие веруваат во обвинителството и во судот, нагласувајќи дека тие знаат дека Јованов излегува на 3 октомври.

-Имаме доверба во нив, мислиме дека и до крај треба да имаме доверба во нив, бидејќи тие се исто од наша страна. Не смееме постапката да ја одолговлекуваме како што гледаме. И уште еднаш ќе кажам дека имаме доверба во обвинителството и во судот, и мислам дека нашите деца заслужуваат правдата да испадне на виделина, бидејќи цело Кочани е завиено сеуште во црно – изјави Александар Наунов.

Денешното рочиште на судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, продолжува со дополнителни прашања од Обвинителството за градежните вештаци што учествувале во изработката на градежното вештачење на Обвинителството.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.

Со изведувањето на градежното вештачење, изработено од тим од Градежниот факултет при УКИМ, и распит на вештите лица што го изработиле, како што е најавено, треба да заврши со изведувањето докази од Обвинителството по што треба да почне со изведување докази на одбраната.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Ова е една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата.

Најнови вести од: Македонија

(Видео): Владата не се откажува од изградбата на дата-центри

Владата не се откажува од идејата за изградба на дата-центри, затоа што светот и човештвото одат во таа насока и тој процес е неповратен, изјави премиерот Христијан Мицкоски. Тој потенцира дека Владата не добила никаков допис од ЕУ дека се откажуваат од финансирањето и давањето грант за изградба на националниот дата-центар. Ако пристигне такво нешто, додаде, тогаш ќе може да го коментираме тоа.

Рокас: Лаен набргу во посета на регионот, за која се надевам дека ќе биде одлучувачка за евроинтеграцијата на земјата

Евроамбасадорот Михалис Рокас најави дека набргу претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, треба да го посети регионот и се надева оти нејзината посета ќе биде одлучувачки чекор кон почнување на пристапните преговори на земјата со Европската Унија.

Николоски: Градиме денес, за да оставиме посилна држава за идните поколенија!

Во 21 век напредуваат само државите што инвестираат во големи, стратешки и долгорочни проекти, напиша на својот фејсбук-профил заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски.

Николоски: Државите кои инвестираат во стратешки проекти напредуваат во 21 век

„Во 21 век напредуваат само државите кои инвестираат во големи, стратешки и долгорочни проекти” – напиша заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски.

Перински: Матичните лекари ќе можат да издаваат боледувања до пет дена

Директорот на Фондот за здравствено осигурување Златко Перински денеска најави построги контроли на боледувањата, нагласувајќи дека до Управниот одбор ќе биде предложена предлог-измена на Правилникот за боледување, со цел да се осигура дека средства коишто ги исплаќаат стигнуваат до оние на коишто им се најпотребни, како и за да се зајакнат механизмите коишто ќе овозможат превенција на потенцијална злоупотреба на боледувањата.

To top