Македонија

Промовирана алатка за пријавување онлајн вознемирување врз жени во медиумите

Новинарките и жените во медиумите отсега директно со неколку клика можат да пријавуваат онлајн вознемирување поврзано со нивната работа

Новинарките и жените во медиумите отсега директно со неколку клика можат да пријавуваат онлајн вознемирување поврзано со нивната работа. Женската медиумска мрежа „Еднаква“ и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) денеска ја промовираа алатката за онлајн вознемирување врз жените во медиумите со која се овозможува полесно и побрзо адресирање на овој проблем.

Алатката ја промовираше претставничката на „Еднаква“, Марија Митевска, која, како што се додава во соопштението, истакнала дека онлајн вознемирувањето на новинарките и жените во медиумите е во пораст последниве години и претставува сериозен проблем за нивно слободно и независно известување без притисоци.

– Целта не е само да имаме повеќе пријави, туку да имаме подобра заштита, подобро разбирање на проблемот и средина во која новинарките можат слободно и безбедно да ја вршат својата работа. Пријавувањето е само привот чекор, а врз основа на тоа потоа ќе се креираат и политики и механизми за справување со онлајн вознемирувањето врз жените во медиумите – додала Митевска.

Новинарката и членка на „Еднаква“, Маја Раванска додала дека онлајн вознемирувањето е феномен што не смее да се игнорира.

– Во договорите за вработување на секоја новинарка не пишува дека треба да трпат онлајн вознемирување. Но, тоа е секојдневие и состојба која што се нормализираше и затоа треба да се бориме против неа со заеднички сили – истакнала Раванска.

За претседателот на ССНМ, Павле Беловски онлајн просторот треба да биде место за слободно изразување, но, за новинарките сѐ почесто станува простор за навреди, закани, омаловажување и вознемирување.

– Особено загрижувачки се родовата дискриминација, говорот на омраза и нападите врз новинарките. Затоа моравме да заземеме непоколеблив став. Нападите ескалираа – моравме да одговориме и ние – изјавил Беловски, додавајќи дека пријавување е важно и за правење јавен притисок и за притисок врз институциите што се одговорни за прекин на неказнивоста.

Од женската медиумска мрежа „Еднаква“ ги охрабруваат сите жени во медиумите да пријавуваат секаков вид на вознемирување во онлајн просторот поврзан со нивната работа, бидејќи само така ќе може соодветно да се одговори на овој негативен тренд.

Алатката за пријавување е достапна на веб-страницата на „Еднаква“ и на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и овозможува брзо и ефикасно пријавување на сите типови на вознемирување.

Алатката е изработена во рамките на проектот „Дигитална алатка за пријавување вознемирување на жените во медиумите“ имплементирана од женската медиумска мрежа „Еднаква“, а поддржана од Digital democracy initiative, CIVICUS, Метаморфозис фондација и Techsoup.

Најнови вести од: Македонија

Дезинформациите ја загрозуваат иднината на македонското рударство

Геологот Ѓорѓи Димов, кој е и декан на Факултетот за природни и технички науки во Штип, изјави дека рударството и геологијата имаат огромно значење за економскиот развој на нашата држава, но и за нејзината иднина.

Андоновска: Во ИЈЗ се почитува Законот за јазици! – ДУИ не може да прифати дека нема повеќе „како до сега”!

Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, реагира на обвинувањата од ДУИ дека во институцијата не се почитува Законот за употреба на јазиците.

(Фото): Центар трча: Успешно заврши првата ноќна трка низ Дебар Маало

Убава вест за сите со спортски дух. Со музика, навивање и одлична енергија, во саботата се одржа првото издание на CENTAR NIGHT RUN. Дебар Маало и улиците на Центар беа исполнети со тркачи и публика, кои создадоа нова спортска приказна во градот.

To top