На 7 април во Вашингтон ќе се одржи сесија на Стратешкиот дијалог меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави, најави шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски.
„Ќе бидеме прва земја во Европа која во рамките на оваа администрација ќе има сесија на стратешки дијалог во Вашингтон“, изјави тој во „Топ тема“ на ТВ Телма, најавувајќи дека на неа ќе бидат разгледани прсашања од областите на одбраната и безбедноста, трговската и економската соработка, како и конкретни придобивки за граѓаните.
Муцунски ќе ја предводи делегацијата составена и од министрите за внатрешни работи Панче Тошковски, за одбрана, Владо Мисајловски, за дигитална трансформација Стефан Андоновски и за енергетика Сања Божиновска.
Министерот за надворешни работи на Македонија денеска се сретна со вршителката на должноста амбасадор на САД, Никол Варнес.
„На средбата го потврдивме високиот степен на развој на билатералните односи и стратешкото партнерство меѓу двете земји. Во таа насока, разговаравме за продолжување на активностите во рамки на Стратешкиот дијалог, како и за подготовките за вториот стратешки дијалог, кој ќе се одржи следниот месец во Вашингтон.
Ја реафирмирав посветеноста на Владата кон понатамошно продлабочување на билатералната соработка.
Посебен акцент беше ставен и на економската соработка, со потенцијал за поттикнување на нови инвестиции, како и на реформските процеси поврзани со владеењето на правото и демократијата.
Разговаравме и за улогата на нашата земја како фактор на стабилност во регионот, како и за актуелните глобални прашања, вклучително и случувањата на Блискиот Исток“, објави Муцунски на Фејсбук.
Стратешкиот дијалог меѓу Македонија и САД формално е воспоставен во 2022 година.