На лидерот на СДСМ Венко Филипче ќе му се случи најмалку еден судски процес ако не се крие зад пратеничкиот имунитет додека се пресметува со премиерот Мицкоски и своите сопартијци.
Извори во платформата 12:05 тврдат дека ако Филипче се охрабри и своите навреди и обвинувања не ги кажува пред собраниската говорница ќе биде тужен за клевета и навреда.
Од повеќето луѓе кои ги навреди Филипче најмногу право за тужба има пратеничката Славјанка Петровска која од лидерот на СДСМ беше обвинета дека е корумпирана.
Петровска ги отфрли обвинувањата како целосно неточни. Таа изјави дека одлуката за набавка на хеликоптерите била донесена уште во 2023 година, што е уредно документирано во Министерството за одбрана.
Петровска нагласи дека ваквите наводи изнесени од Венко Филипче се дел од иста координирана теза чија цел е да се нарушат нејзиниот углед и репутација во период кога таа е политички поактивна во партијата.
На прес-конференција, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, остро ја нападна Петровска поради нејзиното учество во внатрепартиската опозициска платформа „Разговори за иднината во 12:05“. Тој иронично праша дали мотивите за нејзините критики се кријат во набавката на хеликоптерите, додавајќи ја метафората: „Да не излезе дека Дејвид Гета може вода да ѝ носи“.
Со тоа Филипче меѓу редови ја обвини Петровска дека е корумпирана.
Веднаш по оваа јавна расправија меѓу сопартијците, владејачката ВМРО-ДПМНЕ излезе со барање до Јавното обвинителство да отвори предмет по допрен глас и да го сослуша Филипче за, како што наведоа, „криминалот на Петровска тежок 37 милиони евра“.