По повод Меѓународниот ден на Ромите, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска примила истакнати ромски уметници и културни дејци, активни на македонската културно-уметничка сцена и пошироко.

Низ отворен и конструктивен дијалог, беа разменети мислења за македонскиот културен амбиент и местото на уметниците, вклучувајќи ги и ромските во него. По плодната дискусија, се сложија околу насушната потреба да добијат шанса за поголеми можности за присуство и видливост во уметничкиот живот, се вели во соопштението од кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Сиљановска-Давкова истакнала дека ромските уметници и покрај докажаниот придонес во развојот на македонската културно-уметничка сцена, но и пошироко и подалеку, остануваат маргинализирани.

За неа е важно да се надмине нееднаквоста на шансите во културниот натпревар, преку уметничка, наместо политичка евалуација, како и со поголема институционална поддршка на најталентираните Роми уметници.
Мора да ги надминеме стереотипите и да ги афирмираме очигледните културни ромски дострели, смета Сиљановска-Давкова.

Уметниците, со претседателката ги споделиле своите животни и уметнички визии, искуства, успеси и дострели, препознавајќи во дигиталните платформи и мултимедијалните форми алатки за поголема уметничка презентација.
,,Беше истакната важноста на вмрежувањето, како фактор за унапредување и стимулирање на нивната уметничка дејност.
Претседателката, честитајќи им го Меѓународниот ден на Ромите, повика на важноста од препознавање и поддршка на најталентираните Роми уметници, како и на младите уметници воопшто, како незаменливи творци на квалитетен културен живот”, се вели во соопштенито.