Македонија

Сиљановска-Давкова: Повторно сме пред историски испит

23 Октомври како обврска, а не само сеќавање

Претседателката на Републиката Гордана Сиљановска-Давкова, во честитката по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, порача дека Македонија повторно се наоѓа пред историски испит, а почитта кон револуционерите и нивното дело мора да се потврдува преку праведност, одговорност, чесно работење и неопходни реформи.

„Повторно сме пред историски испит во ова време-невреме, да го продолжиме стремежот на претходниците за просперитетна македонска држава“, истакна Сиљановска-Давкова.

Во обраќањето до граѓаните, претседателката потсети на историското значење на основањето на Македонската револуционерна организација во 1893 година и на генерациите што ги поставиле темелите на македонската државност.

„Не можеме да ја чествуваме државноста, а да ја заборавиме пожртвуваноста на поколенијата што ги удриле нејзините темели и ги вградиле животите во нив“, порача таа.

Според Сиљановска-Давкова, чествувањето на историските личности и настани нема вистинска смисла доколку вредностите за кои се бореле не се применуваат во современото општество.

„Пиететот кон предците има смисла само кога нивните високи и благородни идеали ги преточуваме во праведност, солидарност и посветеност на општото добро“, нагласи претседателката.

Таа истакна дека историското наследство не треба да биде само причина за национална гордост, туку и обврска за унапредување на државата, заштита на човечкото достоинство и создавање општество во кое правото, правдата и моралот ќе бидат реалност.

Посебен акцент стави на потребата од одговорно работење и спроведување реформи, посочувајќи дека денешните генерации имаат поинаква, но не помалку значајна одговорност од своите претходници.

„Ако револуционерниот порив некогаш се потврдувал со себежртвување за високи национални цели, денес се докажува со одлучно и чесно работење, интелектуална смелост и решителност за нужни реформи“, порача Сиљановска-Давкова.

Претседателката нагласи дека долгот кон предците е да се зачува споменот за нив, кон современиците да се постапува одговорно, а на идните генерации да им се обезбеди сигурна иднина.

„Нека ни е честит и вековит 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба!“, стои на крајот од честитката на претседателката.

Најнови вести од: Македонија

Јаревски: Не е „Алта банка“ ни ТАТ, ни Лавци, ниту пак „Еуростандард“

Банката е ликвидна, обезбедени се штедните влогови, заштитени се и доверителите. Мерките што ги презема Народната банка се веднаш промптни, уште од самиот викенд. Немаме стечај, немаме пропаѓање на банката“, рече пратеникот

Сиљановска-Давкова – Ван дер Белен: Австрија останува важен и искрен поддржувач на македонскиот евроинтеграциски пат

Проширувањето не е само политичко и економско прашање, туку и безбедносно, особено во време на геополитички тензии коишто се закана за мирот во Европа

(Фото): Лукровски во Охрид ја подигна наградата „Младински пријателски град“

Пораката од форумот беше дека квалитетната младинска работа и функционалните младински центри се клучни за враќање на довербата на младите во институциите и создавање услови тие својата иднина да ја градат во сопствените општини.

To top