Македонија

Силјан: Македонскиот јазик e нашата куќа во времето, во него зборуваат предците, се огледува совеста на живите и се именува иднината на децата!

„На избори се добива мандат – не тапија на татковината. Ниту една партија, власт или генерација, не е сопственик на Македонија. Ние сме нејзини привремени чувари меѓу оние, што ја сонувале и оние, што ќе ја наследат.“- порача Раде Силјан во словото по примањето на Орденот „8 Септември“ на свеченоста по повод 35-годишнината од независноста на Македонија.

„Македонскиот јазик не е доказ што одново го поднесуваме пред туѓ суд. Тој е нашата куќа во времето: во него зборуваат предците, се огледува совеста на живите и се именува иднината на децата.“ – укажа Раде Силјан. Тој нагласи дека одликувањето го прима и како признание дека македонското слово учествува во градењето на државата. „Таквата чест не ме издига над другите – ме задолжува пред нив. Песната, критиката и издаваштвото за мене се една служба: словото да се создава, да се промислува и да стигне до читателот.“ – рече Силјан.

„Самостојноста и независноста имаат датум. Слободата има секојдневје. Совеста е нејзината мера“, порача Силјан, потсетувајќи дека изборот од 8 септември 1991 година не почнал од празна страница, туку во него се слеале Климентовото слово и Охридската книжевна школа, народната песна и преродбенската книга, илинденскиот непокор и државотворноста на АСНОМ. „Во средиштето на словото беше македонскиот јазик како простор на паметењето, одговорноста и иднината. Македонскиот јазик не бара другите јазици да замолкнат. Бара ние да не замолкнеме во него. Јазикот се чува секој ден – во домот, училиштето, науката, театарот, книгата и чесниот јавен збор.“ – посочи добитникот на наградата „Осми септември“.

Раде Силјан ја определи книгата како разговор меѓу времињата, а културата како суштинска самосвест на државата. „Без култура, државата може да функционира, но не знае зошто трае. Поетот не е украс на државата. Тој е немир во нејзината совест“, рече тој.

Во врска со издаваштвото, Силјан потсети дека петнаесет дена пред референдумот ја основал „Матица македонска“. „Така одговорив на прашањето што може поетот да стори за својата земја: да напише песна и да изгради дом за книгите на другите. Ако песната е мојот глас, ‘Матица македонска’ е мојата грижа да не замолкнат и другите македонски гласови. Секоја добра книга на македонски јазик е тивок, но траен чин на суверенитет“, порача тој.

Говорејќи за јавната одговорност, Силјан нагласи дека суверенитетот не е само право да одлучуваме сами, туку зрелост да владееме со себе. „На избори се добива мандат – не тапија на татковината. Ниту една партија, власт или генерација не е сопственик на Македонија. Ние сме нејзини привремени чувари меѓу оние што ја сонувале и оние што ќе ја наследат“, рече тој.

Во завршниот дел, Силјан го постави прашањето за иднината на младите како една од најтешките мерки на денешната државност. „Држава од која заминуваат децата останува без идно време. На оние што треба да останат по нас не им должиме само историја со која ќе се гордеат. Им должиме сегашност од која нема да мораат да заминат и иднина што ќе сакаат да ја живеат тука“, порача Силјан.

Словото го заврши со пораката: „Орденот се носи на градите. Слободата се носи како одговорност.“

 

Најнови вести од: Македонија

Мицкоски: Ако не се свртиме кон семејните вредности и многудетните семејства економијата ќе биде на удар

Ако не се свртиме кон семејните вредности и кон многудетните семејства и ако тие вредности не ги промовираме, македонската економија ќе биде прва која што ќе биде на удар, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ја изјавата на вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски дека до 2030 година годишно ни се потребни 50.000 странски работници, за да го држиме нивото на БДП што го имаме сега.

ОКТА продолжува со попуст од два денари по литар дизел гориво

Како одговор на најновите случувања на меѓународните пазари на горива, ОКТА АД – Скопје воведува привремен попуст од 2 денари по литар дизел гориво, со важност од денеска, 20 октомври 2026, до 2 ноември 2026 г.

(Фото): Работна средба за инфраструктурните приоритети на Карпош

Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, се сретна со ресорниот министер за транспорт, Александар Николоски, каде беа разгледани тековните инфраструктурни проекти и можностите за нови инвестиции во интерес на граѓаните.

To top