Македонија

Средба на Димитриеска-Кочоска со УЈП и Царина: Буџетот се реализира според планираната динамика

Нема позначајни отстапувања, констатираа на средбата

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска денеска оствари работна средба со директорката на Управата за јавни приходи Елена Петрова и директорот на Царинската управа Бобан Николовски. На средбата беше разгледана тековната реализација на Буџетот, со посебен фокус на наплатата на приходите и движењата кај одделните даночни категории.

На средбата беше констатирано дека реализацијата на Буџетот се одвива во рамки на планираната динамика и дека во овој момент нема позначајни отстапувања ниту на приходната ниту на расходната страна.

Министерството за финансии, во координација со Управата за јавни приходи и Царинската управа, продолжува внимателно да ги следи движењата и реализацијата на буџетските приходи.

„Буџетот се реализира согласно планираната динамика. Заедно со УЈП и Царинската управа детално ги следиме приходите и сите движења што можат да имаат влијание врз нивната реализација. Во овој момент нема позначајни отстапувања од планираното, но остануваме внимателни и навремено ќе реагираме доколку состојбите го наложат тоа“, кажа министерката Димитриеска-Кочоска.

Податоците за реализацијата на Буџетот заклучно со август покажуваат дека вкупните приходи изнесуваат 230,6 милијарди денари, односно 60,77% од планираните приходи, при што бележат раст од 8% во однос на истиот период минатата година.

Даночните приходи во првите осум месеци се реализирани во износ од 131,5 милијарди денари, што претставува раст од 8,2% на годишно ниво. Раст е забележан кај главните даночни категории – приходите од данокот на добивка се повисоки за 19,9%, од данокот на личен доход за 10,9%, од ДДВ за 10,6%, додека увозните давачки бележат раст од 9,7%.

Кај акцизите е евидентирано одредено отстапување, поврзано и со мерките што Владата ги презеде за ублажување на влијанието од кризата со нафтените деривати. Движењата во оваа категорија и понатаму внимателно ќе се следат.

На расходната страна, во периодот јануари–август се реализирани 268,9 милијарди денари, односно 63,15% од планираните расходи.

На средбата беше истакната важноста од континуирана координација меѓу Министерството за финансии, УЈП и Царинската управа како институции со клучна улога во обезбедувањето на буџетските приходи. Во наредниот период ќе продолжи редовното следење на реализацијата на Буџетот и на економските движења, врз основа на што ќе се носат одлуки за евентуални приспособувања на расходната страна.

Министерството за финансии останува посветено на одговорно управување со јавните финансии, навремено сервисирање на обврските и обезбедување стабилност на Буџетот, со приоритет на заштитата на граѓаните и стопанството.

Најнови вести од: Македонија

(Фото): Нови можности за соработка, инвестиции и размена на искуства – ИНОВА ги поврзува македонскиот и израелскиот иновациски екосистем

ИНОВА ја цени поддршката и институционалната координација од страна на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија во реализацијата на посетата, како и придонесот на Општина Кавадарци, градоначалникот Митко Јанчев и М6 Едукативниот центар во успешното реализирање на програмата и срдечното гостопримство кон израелската делегација.

250.000 евра грант од Шпанија за изградба на зградите на ФИНКИ и Факултетот за физичко образование

Грант од 250.000 евра ќе биде почетната финансиска поддршка за подготовка на нов инфраструктурен проект на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Средствата ги обезбедува Шпанија преку Шпанската сметка за социјална кохезија, со која управува Развојната банка на Советот на Европа – ЦЕБ.

Најнови вести

To top