Македонија

Судот го одби предлогот за притвор на осомничените во случајот со јавни набавки во РЕК Битола

Обвинителството ќе се жали и ќе бара ефективен притвор

Основниот суд во Битола не го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство Битола за определување мерка притвор на двајцата осомничени за кривични дела поврзани со јавни набавки во РЕК Битола и им определил мерка куќен притвор.

Од ОЈО Битола информираат дека надлежниот јавен обвинител не се согласува со ваквата одлука, имајќи ги предвид ризиците од бегство на осомничените, бидејќи, како што велат, едниот има значителен имот во друга држава.

Од тие причини, нагласуваат, Обвинителството ќе вложи жалба на одлуката на Судот и ќе бара мерка ефективен притвор.

Јавното обвинителство денеска донесе Наредба за спроведување истражна постапка против осум физички и едно правно лице за продолжени кривични дела поврзани со јавни набавки во РЕК Битола.

Петмина службени лица во РЕК Битола, меѓу кои тогашниот директор на Комбинатот и четворица раководители и директори во ПЕ Рудници во РЕК Битола, се сомничат дека во текот на 2023 година како соизвршители сториле продолжено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ така што не ја извршиле својата службена положба и овластување со намера на друг да му прибават корист, а да го оштетат комбинатот, односно спротивно на основниот рударски проект и на потребите на рудникот „Живојно“ организирале и реализирале јавна набавка за дислокација на погонски станици од рудникот „Осломеј“ во ПЕ Рудници – РЕК Битола.

Правното лице, сопственикот/управител и уште едно лице вработено во правното лице ДТПУ Марковски Компани се сомничат дека иако биле свесни дека работите не се извршени, доставувале фактури врз основа на кои од РЕК Битола незаконито наплатиле 106.200.000 денари со вклучен ДДВ, со што сториле продолжено кривично дело „злоупотреба на постапката за јавен повик и јавно-приватно партнерство“.

Со предистражните дејствија кои, како што информираат од Обвинителство, по наредба на јавниот обвинител ги преземала Управата за финансиска полиција во изминатите неколку месеци, се обезбедени докази кои даваат основано сомнение дека петмина осомничени – службени лица во РЕК Битола, односно тогашниот директор на комбинатот и четворица раководители и директори во ПЕ Рудници во РЕК Битола, во текот на 2023 година како соизвршители сториле продолжено кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување според член 353 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола денеска достави предлог за определување мерка притвор за две лица, односно за сопственикот на фирмата и за еден раководител од ПЕ Рудници при РЕК Битола. За две раководни службени лица од ПЕ Рудници и за вработениот во компанијата ќе бидат предложени мерки на претпазливост – одземање на патна исправа и повремено јавување во Судот. Поранешниот директор на РЕК Битола веќе се наоѓа во притвор по друга постапка, а уште едно службено лице од РЕК Битола во друга постапка е веќе обезбедено со мерки на претпазливост кои ги почитува до овој момент.

Најнови вести од: Македонија

Пренесувањето на моштите на Гоце Делчев и наводните на Самуил – огледало на бугарската политика кон Македонија, од добрососедство до историски ревизионизам!

Државната и политичката свест на Бугарија за 80 години се развиваше во негативна насока: од држава, која во 1946 година официјално ја признаваше македонската национална самобитност, идентитет, држава, јазик и историја, до држава-членка на ЕУ, која денес во 2026 година практикува историски ревизионизам кон Македонија, стремежи да ја „прекрои“ нејзината автентична национална историја. Но и стремежи за бугаризирање на македонскиот идентитет и јазик. Официјална Софија денес прибегнува кон вета и блокади на македонската евроинтеграција во обид да ги оствари своите асимилаторски цели и стремежи. Двата столба на македонскиот идентитет и државност се под опсада: Цар Самоил, како македонски државотворен столб на средновековието, и Гоце Делчев, како столб на современата државност и идентитет на македонскиот народ. Toa сe двете клучни точки, кои Софија упорно се обидува да ги бугаризира. Стратегијата не е насочена само кон одделни историски периоди, туку кон целосно растурање и поништување на континуитетот на македонскиот идентитет и државотворните стремежи и традиции на македонскиот народ од минатите векови до денес.

Кос: Многу земји имаат заедничка историја – да се насочиме на иднината

Еврокомесарката за проширување Марта Кос порача дека „иако многу земји имаат заедничка историја, фокусот треба да биде на иднината и на она што може да го постигнат заедно“. „„Многу земји имаат заедничка историја. Добро е што го признаваме тоа, но да гледаме кон иднината и кон она што можеме заедно да го постигнеме“, истакна Кос.

Муцунски: Патот на Македонија кон ЕУ да биде заснован врз заслугите, а не оптоварен со историјата и минатото

Најголема желба на Македонија е нејзиниот пат кон Европската Унија и полноправното членство да биде заснован врз заслугите, а не оптоварен со историјата или минатото, порача денеска македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на заедничката прес-конференција по Министерскиот состанок за Коридорот 8 во Софија, одговарајќи на новинарски прашања за очекувањата од денешната средба со неговата бугарска колешка, Велислава Петрова Чамова.

Муцунски за Ива Михаилова: Владата не се меша во судењето, бугарски лекари ќе можат да ѝ ја проценат здравствената состојба

Македонија е подготвена да овозможи посета на бугарски медицински специјалисти кои би се запознале со здравствената состојба и лекувањето на Ива Михаилова, потврди министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски. Тој посочи дека случајот има два одделни аспекти – судскиот процес и здравствената состојба на Михајлова.

To top