Македонија

ВМРО-ДПМНЕ повикува на истрага за трошењето на парите во згаснатото СЈО

Политичкото влијание освен по присуството на лица од раководството на СДС, се гледало и преку присуство на нивни советници. Оттука СЈО наместо институција за спроведување на закон, главно било собиралиште на раководството на СДС

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска со критички наратив се осврна на работата на згаснатото Специјално јавно обвинителство (СЈО) и на дел од неговиот тим, кои сега се актуелни обвинители во Основното јавно обвинителство Скопје.

ВМРО-ДПМНЕ во соопштението се повикува на тврдењата што адвокатката Лејла Кадриу ги изнесе во телевизиско гостување, а според кои додека СЈО било активно, повеќе наликувало на штаб на СДСМ отколку на јавно обвинителство.

Кадриу, како тогашен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово на почетокот беше избрана во тимот на Катица Јанева кога СЈО се оформуваше кон крајот на 2015 година, но по кратко време беше отстранета од него.

Во гостување на ТВ Алфа викендов, Кадриу излезе со тврдења дека во згаснатото СЈО материјали се примале без записник и оти претставници на тогашното раководство на СДСМ често биле присутни во нивните простории. Таа говореше и за дел од обвинителите, притоа посочувајќи ги Ленче Ристоска, Гаврил Бубевски, Фатиме Фетаи и Лиле Стефанова, како главни соработници на Јанева, чиј збор секогаш се слушал. Поранешната обвинителка а сега адвокатка говори и за буџетот што го имало СЈО, од кој дел бил наменет за исплати на средства на деца на политичари.

За трошењето на парите од буџетот на СЈО, од владејачката партија велат дека треба да има истрага.

„Згаснатото СЈО работеше на раб на законот, најчести гости биле Зоран Заев, Радмила Шекеринска, советници на Оливер Спасовски, главна обвинителска двојка биле Ленче Ристоска и Гаврил Бубевски, буџетот се трошел за кафиња, лешници, за договори на роднини и пријатели на обвинителите од СЈО, како и на лица од СДС. Деталите говорат за тоа дека СЈО непотребно трошело милиони евра на граѓаните. За само два месеци во 2015 година биле потрошени милион евра, а за што очигледно треба да се отвори истрага. Оттука главната обвинителка на СЈО, Катица Јанева која по згаснувањето на СЈО заврши со пресуда од седум години затвор за земање мито, а минатата година доби условен отпуст со обврска да се јавува во Кривичниот суд Скопје до завршување на казната, за себе велела дека е девојка од милион долари“,

се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Во него, од партијата посочуваат дека Ленче Ристоска е актуелен кандидат за нов државен јавен обвинител, а за Гаврил Бубевски наведуваат дека сакал добие уште еден мандат на чело на скопското Основно јавно обвинителство, но не беше избран.

„Главни во СЈО, според сведоштвото на Кадриу, биле Ленче Ристоска, претендент за државен јавен обвинител, и Гаврил Бубевски кој сакаше уште еден мандат во скопското јавно обвинителство. Ристоска и Бубевски во СЈО биле познати како лица кои не го почитуваат законот. Двајцата се радувале на присуството на Заев и Шекеринска во СЈО и примале од нив предмети не правејќи никаков записник. Во превод во овие предмети можел секој да земе документ и да додаде нов во секое време. Или кратко кажано, Ристоска и Бубевски само глумат професионалци.

Политичкото влијание освен по присуството на лица од раководството на СДС, се гледало и преку присуство на нивни советници. Оттука СЈО наместо институција за спроведување на закон, главно било собиралиште на раководството на СДС.

Не само диктати во СЈО, имало обиди и за контрола врз судството кој да биде обвинет, колку лица да бидат во обвинение и кои. А според сведоштвото на Кадриу, на Владимир Панчевски тогашниот претседател на Кривичниот суд во Скопје му креирале лажен предмет“, велат од ВМРО-ДПМНЕ повикувајќи се на тврдењата на адвокатката и поранешна обвинителка Лејла Кадриу.

Од владејачката партија прашуваат дали актуелниот лидер на СДСМ, Венко Филипче, ја има, како што велат, истата стратегија за непочитување на законите и Уставот, како што било во времето на екслидерот на партијата и поранешен премиер, Зоран Заев.

„Едно е јасно, ВМРО-ДПМНЕ ќе стави крај на ваквата пракса!“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

 

Најнови вести од: Македонија

Заменик директорот на НП Македонски шуми донираше 200 липи за роденденот на градоначалникот на Делчево: Јас ги плаќам

Ајде да започнеме да градиме свест, а врз таа свест систем во кој ние, сите оние кои можат, место за својот џеб ќе поработиме повеќе за општото добро на нашите сограѓани

Се евакуираат Македонци од Обединетите Арапски Емирати

Според податоците на МНР до скоро 473 македонски државјани побарале помош или информации преку претставништвата во Тел Авив, Доха и Абу Даби. Од нив, 19 лица се пријавени од Израел, 106 од Катар, додека 348 граѓани се обратиле до дипломатско-конзуларното претставништво во Абу Даби. Во оваа бројка се вклучени и 18 лица од Кувајт и 12 лица од Бахреин. Има дел македонски државјани кои се двоумат дали да се вратат.

To top