Македонија

Во демиркаписко Прждево со традиционален обичај испратен Велигден

– Се фаќаат мажи на оро во круг, а на нивните рамена се качуваат други. На тој начин мештани, или иселеници од овој крај, ја прават кулата. Се вртат така во круг три пати и се пеат стари песни од минатото на луѓето кои живееле на овие простори. Сето тоа се случува сред село, во присуство на голем број жители на селото, иселеници, гости од различни краеви

Со традиционален обичај, кула од играорци, попладнево беше испратен Велигден во демиркапиското село Прждево. Овде се верува дека обичајот настанал во времето кога Османлиите не дозволувале црквата да биде повисока од џамијата, па на ваков симболичен начин православните се издигнувале малку повисоко. Со необичниот обичај, секоја година се испраќа празникот.

– Се фаќаат мажи на оро во круг, а на нивните рамена се качуваат други. На тој начин мештани, или иселеници од овој крај, ја прават кулата. Се вртат така во круг три пати и се пеат стари песни од минатото на луѓето кои живееле на овие простори. Сето тоа се случува сред село, во присуство на голем број жители на селото, иселеници, гости од различни краеви, велат прждевци.

Бројот не е ограничен, а во ритуалот учествуваат само мажи. Најважно е, велат во Прждево, кулата да не се растури.

-Затоа во долниот ред учествуваат покрупни мажи а во горниот полесни, за да има рамнотежа и да не се растури самата кула. На овој ден сред село секогаш има и музика со жива свирка, за да биде повесело, појаснуваат прждевци.

Обичајот е толку стар, ниту најстарите не паметат од кога датира оваа традиција која од дедовци се пренесува на внуци како наследство. Од колено на колено.

-Се раскажува дека многу одамна, во турско, македонците во селото граделе црква. Османлиите во тоа време не го дозволувале тоа, па затоа неколку пати ја уривале христијанската градба уште во почетокот на градењето. Следувало барање до највисоките турски власти кои сепак се смилувале и одобриле изградба на православен верски објект. Но под услов, црквата да не биде повисока од џамијата. Досетливите селани сепак се сетиле како на симболичен начин барем еден ден во годината да се издигнат повисоко. Решиле тоа да биде на Велигден, како најголем христијански празник, раскажуваат тие, за тоа што го слушнале.

Има и друга симболика во целата оваа работа, велат оние, кои и самите имаат учествувано во ваквиот велигденски обичај.

-Се верува дека долниот ред ја означува старата, а горниот ред е оваа година, со желба да ни биде поуспешна и побериќетна, се кажува за адетот.

И други прждевци и луѓе кои потекнуваат оттаму, потврдуваат дека со години наназад традиционално се испраќа Велигден на ваков необичен и симболичен начин. Прждевци велат дека овој обичај се изведува на третиот ден од Велигденските празнувања, вторник пред зајдисонце.

-Откако паметам за себе, паметам дека на ваков начин отсекогаш сите заедно во селото сме го испраќале Велигден. На орото се фаќаат прждевци, но и тие што се иселиле или потекнуваат одовде. Од година во година се помасовно се собираме сретсело, а во последно време се зголемува и бројот на оние кои дошле да уживаат во нашиот обичај и да се повеселат заедно со нас, кажуваат во Прждево.

Со традиционалниот поздрав „Христос воскресе, навистина воскресе”, прждевци и годинава си посакаа здравје, среќа и бериќет.

Ни рекоа дека досега ниту една година не се случило да помине Велигден, без неговото традиционално испраќање.

Еднаш во минатото дури и селскиот поп го убедиле да се се фати на орото, откако претходно наздравил за среќа и бериќет со своите соселани.

Покровители на настанот беа градоначалничката на Демир Капија Наталија Димитриева и Советот на Општината. Пред присутните се претставија и играорците од КУД ,,Мирка Гинова”, при истоимениот Дом на култура. 

 

Фото: МИА 

 

Најнови вести од: Македонија

Кој и зошто му го хакирал мејлот на главниот државен ревизор Максим Ацевски?!

Хакиран бил мејлот на главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски, соопшти Државниот завод за ревизија. Можеби е некакво совпаѓање, но Ацевски само еден ден претходно, на 30 јули во интервју за ТВ 24 изнесе дека гостиварското јавно претпријатие „Водовод“ уште од 2007 година работи неодговорно и неефикасно, а неговата сметка во континуитет е блокирана.

Мицкоски за враќањето на пасошот на обвинетиот Марковски: Обвинител во Вишото обвинителство грубо манипулирал, соучесник е во ова, ќе има истрага!

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека го следи случајот со враќањето на пасошот на Борче Марковски, обвинет за злоупотреби од страна на Основниот суд во Струга, и посочи дека во него, како што истакна, „има груба манипулација од локален јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство, кој е соучесник во овој процес“.

Армијата на Република Македонија доби 53 нови офицери, Мисајловски им порача: Ќе бидете чувари на мирот, стабилноста и безбедноста

Армијата на Република Македонија денеска доби 53 нови офицери на свечената промоција што се одржа на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“. Промовирани беа 36 питомци од 26. класа, 16 слушатели од Курсот за стручно оспособување и усовршување на офицери за службите на Армијата, како и еден питомец, кој дипломирал на престижната Воена академија Вест Поинт во Соединетите Американски Држави.

Јачева- Улчар: Зад посебноста на македонскиот јазик стојат чувствата на македонскиот народ, но и аргументите на европската наука уште пред 120 години!

„Историјата на македонскиот јазик не ја испишувале само Македонците. Во неа своја трага оставиле и некои од најголемите европски лингвисти на своето време. Кога денес зборуваме за македонскиот јазик не смееме да заборавиме дека зад неговата посебност не стојат само чувствата на еден народ. Стојат и научни аргументи изградени многу пред создавањето на современите држави на Балканот. Историјата на македонскиот јазик не треба да се брани со пароли, туку со документи и факти, кои сведочат дека уште пред повеќе од еден век најугледните европски лингвисти го препознале она што денес некои сѐ уште се обидуваат да го негираат.“ – нагласува д-р Елка Јачева – Улчар, професорка во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, во својата објава на фејсбук со наслов „За посебноста на македонскиот јазик“.

To top