Пред Итната медицинска помош на Општата болница во Кочани, денеска со звук од сирена на болничко возило, е откриено спомен обележје посветено на Илчо Гоцевски, 64 – та жртва на пожарот во „Пулс“.
Иле, во текот на кобната ноќ помеѓу 16 и 17 – ти март со болничкото возила во единаесет наврати превезуваше повредени на клиники во Скопје. Почина во својот дом на 17 март во вечерните часови во сон, после бурната и исцрпувачка ноќ, и борбата да се спаси уште еден живот.

Бистата на Илчо Гоцевски е подигната на иницијатива на неговите колеги од Итната медицинска помош, а на чело на иницијативниот одбор беше Љупчо Ѓоргиевски, сега член на Советот на Општина Кочани.
-Иле не беше колега, тој беше брат, другар, пријател, поддршка и пример за тоа што значи да се биде човек во вистинска смисла на зборот. Во секојдневните моменти занеше да внесе топлина, насмевка и надеж, а во најтешките покажа нешто што не може да се научи, туку се носи во себе. Вистинска несебична храброст. Во миг кога многумина би се повлекле, Иле чекореше напред, без двоумење и страв воден од желбата да помогне и спаси други. Тој го даде највредното што човек може да го даде – својот живот за да спаси други животи, рече во својот емотивен говор, Ѓоргиевски.

На откривањето на спомен обележјето на Гоцевски, донација на вајарот Филип, присуствуваа претставници на Владата, пратеници, членови на Советот на Општина Кочани, вработените во болницата, негови колеги, семејството, негови пријатели, граѓани.

Името на Илчо Гоцевски, кај сите што го познаваа, ќе остане запаметено како олицетворение на тивко херојство, хуманост и несебично жртвување за други.