Македонија

Во Куманово одбележана 82-годишнината од убиството на народниот херој Христијан Тодоровски – Карпош од страна на бугарскиот фашистички окупатор

Во спомен куќата на Христијан Тодоровски- Карпош во Куманово беше одбележан денот на неговото загинување – 7 февруари. По тој повод свежо свеќе положија членови на Сојузот на борците Куманово, Здружението на армиски и полициски ветерани, припадници на АРМ, установи, институции, политички субјекти. Христијан Тодоровски- Карпош загинал на 7 февруари 1944 во борбите против бугарскиот фашистички окупатор при нападот на военото и полициско упориште во селото Биљача, Прешево, објави информативниот портал „Куманово њуз“.

Покрај другото, порталот натаму наведува: „Тој е еден од осумте народни херои на нашиот град, првоборец во Козјачкиот партизански одред, командант на истиот од 1943 година, командант на баталјонот „Јордан Николов Орце“ од декември 1943 година. Водел многу познати битки, бил извонреден командант и учесник во Народноослободителната борба“, истакна Марија Живачки, директорка на НУ Музеј Куманово.

Свои литературни творби посветени на народниот херој прочитаа Ана Петровска и Ангела Гоергиевска, ученички на основното училиште „Христијан Карпош“, како и Мила Денчиќ и Стефанија Мартиновска, од средното „Перо Наков“. Присутните подоцна ја разгледаа постојаната музејска поставка во куќата на Христијан Тодоровски- Карпош.

Инаку, Христијан Тодоровски-Карпош (Куманово, 3 септември 1921 — 7 февруари 1944, Билјача, Прешевско), истакнат македонски комунист и партизан од НОВ, бил прогласен како народен херој на Југославија на 29 јули 1945 година, како еден од првите борци од Македонија, кои го добиле тоа одликување, заедно со Стеван Наумов – Стив, Орце Николов, Страшо Пинџур, Мирче Ацев и Кузман Јосифовски – Питу. Карпош како ученик станал член на СКОЈ уште од 1939 година. Поради неговите напредни идеи, бил избркан од средното училиште и не му било допуштено да се запише во било кое друго средно училиште во тогашното Кралство Југославија. Во 1941 година учествува во прибирање оружје, растурање памфлети и на билтенот „Дедо Иван“, кој бил издаван од страна на градската партизанска организација.

Се истакнал како организатор на Народноослободителната антифашистичка војска на Македонија (НОАВМ). Бил член на Козјачкиот партизански одред од 12 октомври 1941 година и член на партизанскиот штаб од Куманово. Откако одредот бил разбиен, преминал во Вториот јужноморавски одред и Кукавичкиот одред, наизменично (1942-43). На 26 јуни 1943 година станал командант на Кумановскиот партизански одред, кој постепeно нараснувал и на 1 декември 1943 година бил официјално преименуван во Прв кумановски баталјон „Јордан Николов – Орце“. Бил убиен од страна на бугарскиот окупатор на 7 февруари 1944 г. за време на нападот на бугарското воено и полициско упориште во селото Билјача, Прешевско.

Во негова чест се испеани неколку партизански песни: „Битка се бие кумановско поле“, „Давај ме, мила мамо, давај ме“ и „Горо ле, горо зелена“. Покрај тоа, Ацо Шопов му посветил две песни од својата стихозбирка „Песни“ од 1944 година: „Карпош“ и „Борбата на Дренак“, а го спомнува и во „Марш на Трета македонска бригада“, напишана исто така во 1944 година.


Најнови вести од: Македонија

УЈП: Сивата економија ќе се сузбива преку засилена фискализација

Управата за јавни приходи (УЈП) започнува засилени контроли и мерки против даночните обврзници кои вршат деловна дејност и остваруваат промет со готовински плаќања, а притоа немаат регистрирано фискален систем на опрема.

Мицкоски: Реконструкцијата на охридскиот аеродром е историски настан за регионот

Премиерот Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на почетокот на реконструкцијата, надградбата и проширувањето на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“, оценувајќи го настанот како историски за Охрид, охридското крајбрежје и околните општини.

To top