Со вчерашната оставка на интервентниот кардиолог Сашко Кедев од Комисијата на Министерството за здравство за проверка на наводни непотребни кардиохируршки интевенции практично пропадна ,,Случајот Кедев”.
Обвинувањата на професорот и академик Кедев кои лани беа причина за формирање на комисија од страна на министерот за здравство а кои предизвикаа немир кај потенцијалните пациенти, и без дилема нанесоа ненадоместлива штета на македонската кардиохирургија и приватните болници каде што вршат овие операции, стануваат ирелевантни од две причини.
Најголемата штета е за самите пациенти кои со месеци чекаат кардиохируршка интервенција и кои сега бараат одговорност од тие што, како што се покажува сега, без основа предизвикале страв и неизвесност кај нив.
Прво авторот на обвинувањата се повлекува, и второ, само една недела преходно на меѓународен симпозиум во Скопје сите случаи кои комисијата иницирана од Кедев ги прогласи за спорни, биле оценети како соодветни и во рамки на рутинските лекарски процедури за ваков вид на интевенции.
Ниту еден од врвните европски кардиолози на минатонеделниот меѓународен
симпозиум на Клиника Жан Митрев „Водичи во пракса“ не пронашол ниту една грешка или погрешна проценка за случаите за кои предходно ,,Комисијата на Кедев” по пат на гласање утврдила наводни неправилности.
На симпозиумот на кои од засега непознати причини не беа присутни лекари од државната кардиохирургија каде што работи академик Кедев, биле собрани најкомпетентните експерти од Европа.
Овие врвни авторитети кои всушност ги пишуваат препораките за лекување во кардиологијата и кардиохирургијата, а кои потоа служат како правила за лекување низ целиот свет со своите анализи кој не може никој да ги спори практично го урнале ,,Случајот Кедев”.
На семинарот присуствувале и Министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Фондот за здравство Сашо Клековски кои можеле лично да видат и да споредат што за наводните спорни слулаи велат врвни меѓународни кардиолошки авторитети а што ,,Комисијата на Кедев”.
Дали токму фактите кои на симпозиумот ги виделе министерот Алиу и директорот Клековски се причина за оставката на Кедев засега никој не кажува официјално.
Дали воопшто има потреба од странски експерти кои скапо ќе ги плаќа Македонија за да го утврдат тоа што е веќе утврдено од водечките луѓе во светот од оваа област е друга дилема за која одговор се чека од министерот Алиу.
Учесници на симпозиумот велат дека на највисоко професионално ниво, меѓу другото, биле разгледани сите случаи пријавени од д-р Кедев. Во анализата, било утврдено дека во ниту еден случај немало отстапувања од препораките утврдени во редовната пракса.
Expres.mk веќе објави дека Д-р Кедев и целата комисија биле поканети но никој од нив се дошол на симпозиумот иако знаеле дека таму можело да се разговара со врвни светски авторитети.
Зошто членовите на комисијата не дошле на симпозиумот „Водичи во пракса“ во организација на Клиника Жан Митрев, засега нема официјално објаснување.
Но дилемата дека некој во обид да избегне дабата им наредил да ги бојкотираат врвните имиња како проф. д-р Питер Капетеин, проф. д-р Роберт Клауц, проф. д-р Фридхелм Бејерсдорф и проф. д-р Џери Браун, останува отворена.
Со избегувањето на најголем дел од комисијата да се соочат со елитата на европската кардиоторакална сцена, професори и експерти од реномирани центри од Холандија, Германија и регионот и со оставката и повлекување на ,,пријавителот”, „Случајот Кедев“ за наводно непотребните операции на срце во приватните болници е суштински затворен!
Освен што со непристрасна експертиза ги урна обвинувањата за злоупотреби во ,,Случајот Кедев”, симпозиумот „Водичи во пракса“ испрати порака дека Македонија може да биде домаќин на настан со врвни европски предавачи и реална научна размена.
Во исто време симпозиумот покажа дека кога во македонското здравство постојат отворени стручни прашања лекот не се јавни паушални обвинувања и формирање на субјективни комисии во кои членуваат несоодветни профили, кардиолози наместо кардиохирурзи, и тоа најголем дел од пријавителите заедно со Сашко Кедев.
Собирот во Жан Митрев покажа дека најкорисен и најпрактичен пат до вистината е дебата и размена на аргументи со врвни светски експерти што ги пишуваат правилата по кои се лекува во современата кардиологија и кардиохирургија.
За многумина објективни познавачи на македонската кардиохирургија кои ги знаат состојбите и односите уште лани во Октомври беше јасно дека се работи за фарса и дека нема основ за обвинувањата од ,,Случајот Кедев” кога се дозна дека еден од наводно спорните случаи што ги оперирал Жан Митрев пред 23 години, е жив и здрав.
Пациентката и денеска живее мирен живот без последици од интервенцијата за која комисијата утврдила дека била непотребна.
Основа за сомнеж дека комисијата има и друга агенда беше за малкумина познатата информација според која во првите 8 случаи кои ги утврдуваше комисијата формирана по изјавите на Кедев имало два случаи кои на операција ги упатил токму Сашко Кедев.
Овое два случаи подоцна мистериозно исчезнале од списокот на наводно спорни интервенции.