Како што соопштија од Министерството за култура на Грција, меморандумот е за „меѓусебно предавање на реликвии со историска вредност за двете земји“. Предвидува враќање во Грција на 48 реликвии што потекнуваат од Светиот манастир Пресвета Богородица Икосифиниса, од Светиот манастир Свети Јован Крстител во Серес и Светата митрополија Серес и Нигрита, што во 1917 година, за време на Првата светска војна, биле пренесени во Софија и се изложени или чувани во Националниот историски музеј на Бугарија.
Од своја страна, како што соопштија од Министерството, Грција ќе ѝ ги предаде на Бугарија останките пронајдени во базиликата „Свети Ахил“ на истоимениот остров во Малото Преспанско Езеро, Грција, во 1965 година, од страна на професорот Николаос Муцопулос, кои се идентификувани како останки на цар Самуил (997 – 1014), заедно со останатиот антрополошки материјал пронајден во вкупно четирите саркофази во базиликата.
Овие останки во изминатите години биле чувани во Музејот на византиската култура во Солун. Двете страни се согласиле да продолжат со преговорите за идентификација и вклучување во следен договор на историски предмети од заемен интерес кои не биле опфатени со актуелниот договор. – Потпишувањето на соодветните протоколи ќе се одржи во Музејот на византиската култура во сабота во присуство на премиерите на двете земји, Кирјакос Мицотакис и Румен Радев, соопштија од Министерството за култура на Грција.
Реликвиите што од Бугарија ќе се вратат во Грција првично ќе бидат изложени во Музејот на византиската култура до 5 ноември 2026 годинава, а потоа ќе им бидат предадени на двата манастири и црквата од каде што биле одземени. Според грчките медиуми, разговорите и преговорите меѓу двете земји траеле над десет години.