„Во дијалогот со Република Северна Македонија, владата и Министерството за надворешни работи се водат од консензусот од 2022 година и последователните одлуки на бугарскиот парламент, кои јасно покажуваат каква е бугарската позиција“, изјави бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова, одговарајќи на пратеничко прашање на вчерашната седница на бугарскиот парламент.
Според неа, важно е од Република Македонија да се види подготвеност за политички наратив кој не е антибугарски, што досега, како што рече, бил главен.
„Нетипчно е да има медијатор помеѓу земја членка на Европската Унија и земја кандидат за членство за договори кои не се од билатерален карактер, туку се усвоени и одобрени на европско ниво“, изјави Петрова-Чамова.
Таа одговори на прашање во врска со инсистирањето на Скопје во дијалогот меѓу Македонија и Бугарија да бидат вклучени и претставници на институциите во Брисел.
Петрова-Чамова оцени дека дијалогот меѓу двете страни ќе биде тежок додека не се промени наративот.
„Се надеваме дека ќе ја пронајдат политичката логика и пристап што ќе им овозможи да го базираат своето членство на различна теза од антибугарската“, рече министерката.
Таа ги оцени како неосновани тврдењата на актуелната власт во Скопје дека Бугарија би можела да постави дополнителни барања и да ја промени својата веќе воспоставена позиција.
Поранешниот министер за надворешни работи Георги Георгиев ѝ даде колегијален совет на Петрова-Чамова.
„Пријателски совет меѓу колеги. Вие барате политичка логика во нивните постапки, а ја нема. Неколку пати се обидовме да најдеме основа за нивните постапки и реторика. Апсолутно нема логика во нивното однесување“, рече Георгиев.
Бугарија бара од властите во Скопје да направат уставни измени со кои Бугарите ќе бидат вметнати во Преамбулата на Уставот. Од друга страна, Макеоднија бара гаранции дека Бугарија нема да поставува дополнителни услови за Македонија на патот кон ЕУ.
Премиерот Христијан Мицкоски претходно истакна дека реформите што ги испорачува земјава треба да бидат основа за вреднување на напредокот кон ЕУ, додека дијалогот со Софија мора да се одвива во присуство на претставници од Европската Унија.
Шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски вчера изјави дека дијалогот што се води околу отворените прашања меѓу Скопје и Софија има поддршка од европските институции и земјите членки на ЕУ, додавајќи дека земјава останува на своите јасни и принципиелни позиции.