Регион

Една година од трагедијата во Нови САД

На комеморативен собир, граѓани од цела Србија ќе им оддадат почит на 16-те загинати при падот на бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад пред една година

Илјадници, претежно млади луѓе во Србија, кои тргнаа на дводневен марш од главниот град Белград, стигнаа за да се приклучат на голем митинг во Нови Сад овој викенд, објавува АП.

Протестот ќе ја одбележи годишнината од уривањето на бетонскиот кров на главната железничка станица во Нови Сад, во кој загинаа 16 лица на 1 ноември.

Трагедијата предизвика протестно движење предводено од млади против претседателот Александар Вучиќ.

Студентите кои организираат блокади цела година, предводат бран граѓански протести со кои бараат одговорност од властите за смртта на 16 лица при падот на реконструираната настрешница на главната железничка станица во Нови Сад лани.

Кон крајот на ноември минатата година, започнаа блокади на факултети на шест државни универзитети како одговор на физичкиот напад од страна на владини претставници врз студентите на Факултетот за драмски уметности во Белград, додека тие стоеја на улицата и тивко им оддаваа почит на загинатите.

Демонстрантите велат дека жртвите починале бидејќи корупцијата во владата довела до лоши поправки на станицата.

Тие бараат одговорност за катастрофата и предвремени парламентарни избори за кои се надеваат дека ќе ја соборат владата на Вучиќ.

Сè уште не е закажан датум на судење за 13-те обвинети во трагедијата во Нови Сад. Постојат сомневања дека постапката ќе ја разоткрие наводната мрежа на корупција на високо ниво за која критичарите велат дека довела до фатална небрежност и непочитување на правилата за безбедност во градежништвото за време на реновирањето на зградата на станицата.

Кон средината на септември, Вишото јавно обвинителство во Нови Сад повторно покрена обвинение против поранешниот министер Горан Весиќ и 12 обвинети во овој случај. Сега обвинението се проверува. Обвинетите се товарат за кривични дела што се квалификуваат како тешки кривични дела против општата безбедност од член 288 став 2 од Кривичниот законик.

Претседателот Александар Вучиќ, без да даде докази, ги нарече демонстрантите „терористи поддржани од Западот“, додека владејачката Српска напредна партија организираше контра-митинзи што поттикна дополнителни политичките тензии.

 

Најнови вести од: Регион

Вучиќ и Рама заеднички бараат влез во ЕУ по пат на „делумна интеграција“ и без право на вето!

Српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама се огласија со заеднички предлог за забрзана интеграција на Србија и Албанија во Европската Унија, но според модел што не нуди веднаш целосни членски права. Во заедничка колумна, објавена во германскиот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, двајцата предлагаат постепено вклучување во единствениот европски пазар и во Шенген како меѓучекор до полноправно членство. Остануваат дилемите колку „делумната интеграција“ е промислен чекор кон ЕУ, или е избрзано прифаќање „членство од втор ред“ за земјите што со години, па и децении чекаат интегрирање во „европското семејство“ но преку полноправно членство. Македонија е веќе 21 година кандидатка за влез во ЕУ.

„Доаѓаме: Група блиска со иранските власти му се заканува на Балканот

хакерската група изјави дека нападите врз институциите во Албанија се извршени за да се казни нивната одлука да ја засолнат иранската опозициска група Моџахедин-е-Калк (MEK), позната и како Народна муџахединска организација на Иран

Македонска Фејсбук-страница го тресе врвот на словенечката влада: „Маски паднаа“ со аудио-разговори

Фејсбук-страница администрирана од Македонија се најде во центарот на голем политички скандал што ги тресе словенечките политички кругови во последните денови

To top