Регион

Фицо го напушти порано Самитот на ЕУ за да го подржи Вучиќ на последниот предизборен митинг

Фицо гостин на Плоштадот на слободата

Словачкиот премиер Роберт Фицо го напушти самитот на Европскиот совет во Брисел пред неговото завршување, за да отпатува во Србија и да му даде поддршка на Александар Вучиќ на предизборниот митинг во Нови Сад. Собирот на листата „Александар Вучиќ – Обединета Србија“ е закажан за вечерва на Плоштадот на слободата, во пресрет на предвремените парламентарни избори на 25 октомври.

Вучиќ претходно потврди дека Фицо ќе биде гостин на митингот. Словачкиот премиер најави дека сака да му покаже поддршка на, како што го нарече, важен српски државник, наведувајќи дека суверената политика на Вучиќ отсекогаш му била пример. Поради патувањето, Фицо ги пропушти дел од разговорите меѓу лидерите на ЕУ за миграцијата, европската одбрана и безбедноста, како и за развојот на настаните на Блискиот Исток.

Во Нови Сад пристигнаа поддржувачи на владејачката Српска напредна странка (СНС) од различни делови на Војводина. Центарот на градот е затворен за сообраќај, на плоштадот се поставени бина и трибини, а трактори се паркирани долж булеварот Михајло Пупин. Српските медиуми јавуваат и за засилено полициско присуство и дополнителни возови за превоз на луѓето што доаѓаат на собирот.

Собирот има особена политичка тежина затоа што Нови Сад е градот во кој на 1 ноември 2024 година се урна настрешницата на железничката станица, при што загинаа 16 лица. Трагедијата предизвика масовни студентски и граѓански протести низ Србија, со барања за одговорност, транспарентност и борба против корупцијата. Протестното движење прерасна во најсериозниот предизвик за власта на Вучиќ во последните години.

За власта, митингот е можност да покаже дека и натаму има широка поддршка, додека студентите и опозицијата го поврзуваат незадоволството со начинот на кој се води државата, работата на институциите и одговорноста за трагедијата.

Предвремените парламентарни избори во Србија се закажани за 25 октомври. Вучиќ во септември се повлече од претседателската функција и застана на чело на изборната кампања на листата „Александар Вучиќ – Обединета Србија“, со цел повторно да ја преземе премиерската функција.

СНС е на власт околу 14 години, а изборите се одржуваат во атмосфера на длабока политичка поларизација и продолжени протести.

Најнови вести од: Регион

Бугарија одбива европска медијација во спорот со Македонија

Шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски вчера изјави дека дијалогот што се води околу отворените прашања меѓу Скопје и Софија има поддршка од европските институции и земјите членки на ЕУ, додавајќи дека земјава останува на своите јасни и принципиелни позиции.

БИА ги отфрла обвинувањата за незаконско следење и посочува дека имаат цел да ја дестаблизираат Србија

Од БИА истакнуваат дека и во најтешките времиња работата на Агенцијата ја носеле чесни луѓе кои својот живот го посветиле на заштитата на Република Србија и нејзините граѓани.

To top