Состојбата на пазарот на нафтени деривати во Србија, и покрај американските санкции против Нафтената индустрија на Србија (НИС) – компанија во мнозинска руска сопственост (56,15 отсто преку Газпром Нефт и Газпром) – засега не е драматична, но наскоро може да доведе до постепено затворање на околу една петтина од бензинските пумпи во земјата, предупредуваат белградските медиуми.
Санкциите, воведени од Канцеларијата за странски средства на Министерството за финансии на САД (OFAC) на почетокот на 2025 година како дел од мерки против рускиот енергетски сектор, стапија на сила за НИС на 9 октомври. Нема индикации дека компанијата ќе добие лиценца за проток на сурова нафта преку нафтоводот Јанаф или од други извори, што го загрозува снабдувањето на единствената рафинерија во Панчево.
Американските претставници постојано го предупредуваат Белград дека руското влијание во НИС мора да падне на нула, но и покрај неколку одложувања во изминатите девет месеци, продажбата на рускиот удел не е реализирана. Српскиот претседател Александар Вучиќ потврди дека Русите одбиваат да го продадат пакетот:
„Не станува збор за пари, туку за политика.“
Преговорите за продажба на мнозинскиот удел за да се избегнат санкциите не дадоа резултат. Рафинеријата во Панчево, по неколкудневно одржување, вчера премина во режим на суспендирање и минимална одржливост, подготвена за рестарт „штом се исполнат условите“ и се обезбеди сурова нафта. Српските власти одлучија да ги продолжат трансакциите со НИС до крајот на оваа недела, ризикувајќи секундарни санкции врз домашните банки.
Според официјалните податоци, НИС управува со околу 20 отсто од бензинските пумпи во Србија (356 од вкупно 1.520), но генерира речиси 50 отсто од прометот на пазарот од продажба на гориво. Компанијата е во ко-сопственост на српската држава (29,87 отсто), граѓани, вработени и други малцински акционери.
Негативниот развој би можел да предизвика затворање на станиците на НИС и Газпром, а санкциите ќе се применат и врз рускиот Лукоил од 13 декември, оставајќи го без залихи. Вучиќ предупреди:
„Кога НИС ќе остане без оперативни залихи на станиците, не можеме да ги дадеме од резервата, ниту на Лукоил од 13 декември – тогаш цела Србија би била предмет на санкции.“
Тој увери дека горивото ќе биде достапно „но на други бензински пумпи“. Доколку санкциите продолжат, Србија ќе мора да се сврти кон поскап увоз од соседите, што бара дополнителна логистика и, според експертите, може да предизвика верижни зголемувања на цените и инфлација