Доскорешната шефица на албанската тајна служба ШИШ, Влора Хисени, е опфатена со истрага што започнала од сомнителни државни ИТ-тендери, а потоа се проширила до класифицирани документи. Албански медиуми објавија дека при истрагата биле пронајдени материјали означени како „државна тајна“ што потекнувале токму од ШИШ.
Специјалното обвинителство против корупција и организиран криминал (СПАК) ја сомничи Хисени дека му помагала на еден од клучните осомничени и дека откривала државни тајни. Во пошироката афера се испитуваат 19 тендерски постапки со проценета вредност од околу 59 милиони евра.
Судот ѝ одредил куќен притвор и суспензија додека таа била на службено патување во Баку. По враќањето била запрена на границата меѓу Косово и Албанија и предадена на властите. Премиерот Еди Рама во меѓувреме ја разрешил од функцијата.
Во центарот на истрагата е АКШИ – Националната агенција за информатичко општество, преку која се спроведуваат големите државни ИТ-набавки. СПАК проверува сомнение дека организирана група влијаела врз тендерите и ги насочувала кон однапред избрани компании.
Еден од осомничените е бизнисменот Ергис Агаси. Обвинителството го товари дека создал структурирана криминална група поврзана со манипулации околу тендерите на АКШИ.
Хисени не е осомничена дека лично местела тендери. СПАК ја истражува поради сомнение за помагање на сторител на кривично дело и за откривање државна или службена тајна. Пронајдените класифицирани материјали од ШИШ ја прават аферата особено чувствителна – како информации што требало да останат заштитени завршиле надвор од институцијата.
Истрагата има и финансиска димензија. Компанијата „ЕА Солушн“, основана од Агаси со капитал од само 1.000 леки, според албански медиуми уште во првата година пријавила 242,4 милиони леки приходи и 232,1 милиони леки добивка пред данок. Фирмата била регистрирана само 48 часа пред Рама јавно да ја предложи Хисени за директорка на ШИШ. Самото временско совпаѓање не докажува незаконска врска, но двајцата сега се дел од истата истрага.
Кога судот на 21 септември донел одлука за суспензија и куќен притвор, Хисени била во Баку. По враќањето преку Косово била запрена на граничен премин.
Претходно таа работела во Косовската разузнавачка агенција како заменик-директорка од 2019 година. Во 2021 година од функцијата ја разрешиле претседателката Вјоса Османи и премиерот Албин Курти.