Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа потврди дека Србија поседува хиперсонични балистички ракети воздух-земја, тврдејќи дека нема намера никого да нападне, но изрази загриженост дека Србија во иднина би можела да биде цел на напад на наводниот воен сојуз на Хрватска, Албанија и Косово.
Вучиќ во интервју за Радио телевизија на Србија (РТС) изјави дека се работи за ракети ЦМ-400 со разорна моќ и можат да погодат цели на оддалеченост до 200 и до 400 километри. Имаме значителен број од овие проектили и ќе имаме уште повеќе“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека се плаши од воената алијанса на Загреб, Тирана и Приштина, повторно тврдејќи дека таа е насочена против Белград и дека „тие само чекаат поголем конфликт во светот за да нападнат“.
“Ние се подготвуваме за нивниот напад, тие формираат сојуз за да не нападнат. Тие го чекаат моментот што ќе се случи во иднина кога ќе избие голем конфликт меѓу Европа и Русија на Блискиот Исток. Сето тоа го правиме за да се одбраниме. Тие чекаат хаос во светот за да им се даде можност”, рече Вучиќ.
Вучиќ во вечерашното гостување за РТС изјави дека „луѓето не треба да се грижат“. „Србија има доволно застрашувачка сила за сите три ентитети. Можете да спиете мирно, Србија има сила да го зачува суверенитетот, интегритетот. Нема да нападнат, бидејќи знаат каков одговор би следел“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека Србија ќе го сочува својот суверенитет и дека нема да стане дел од НАТО.