Регион

Вучиќ: „Убијте ме, не ја разбирам логиката“ на САД

Српскиот претседател изјави дека не ја разбира логиката на САД во врска со санкциите против Нафтената индустрија на Србија (НИС) и не верува дека САД ќе ја променат својата одлука и ќе одобрат лиценца за увоз на нафта, што ќе значи затворање на рафинеријата во Панчево

Претседателот на Србија, Алексанар Вучиќ вели дека на САД не им е гајле колку штета предизвикуваат санкциите за Србија

Вучиќ денес изјави дека не ја разбира логиката на Соединетите Американски Држави (САД) во врска со санкциите против Нафтената индустрија на Србија (НИС) и не верува дека САД ќе ја променат својата одлука и ќе одобрат лиценца за увоз на нафта, што ќе значи затворање на рафинеријата во Панчево.

Рафинеријата НИС во Панчево, која е под санкции на САД како дел од рускиот енергетски сектор, остана без сурова нафта за преработка и доколку не добие продолжување на лиценцата од американските власти, Србија ќе се соочи со скап увоз на нафтени производи, што енергетските експерти го сметаат за можен генератор на синџирно зголемување на цените и инфлација.

Од воведувањето на санкциите врз рускиот енергетски сектор на почетокот на оваа година, американските претставници го предупредија Белград дека не сакаат руска сопственост во НИС и дека таа „мора да биде нула“.

Вучиќ тврди дека Американците вовеле санкции врз НИС за да го исклучат руското управување, а потоа и руската сопственост, и дека ова „не е засновано на меѓународното право“.

Србија се потпираше на Хрватска за нафта преку нафтоводот „Јанаф“, но откако беа воведени санкциите, протокот на нафта низ таа рута е прекинат бидејќи „Јанаф“ мора да ги почитува санкциите, пишува Индекс.хр.

„Ние сме мала земја и не можеме да функционираме без нафта. Имаме еден единствен нафтовод што Хрватите го затворија штом санкциите стапија на сила“, изјави Вучиќ, постојано повторувајќи дека не му е многу јасно што прават американските постапки.

„Убијте ме, не ја разбирам нивната логика. Имав безброј разговори со нив и прашав зошто не ни даваат лиценца“, рече Вучиќ, тврдејќи дека рафинеријата во Панчево, која моментално е во фаза на одржување на системот, ќе престане да работи во вторник.

Кон средината на минатата недела, Вучиќ изјави дека Србија ѝ дала на Русија рок од 50 дена да најде купувач за НИС, и дека, доколку тоа не се случи, Белград ќе воведе своја администрација врз таа компанија, која е спречена да работи со санкции, а бензинските пумпи сега се снабдуваат од резервите на складиштето.

Во меѓувреме, се разгледуваат неколку опции за промена на сопственоста, а една од нив ја понуди унгарскиот МОЛ, кој, според кабинетот на премиерот Виктор Орбан, би можел да купи удел во НИС.

Вучиќ вели дека на американската страна „не ѝ е гајле за штетата Србија“.

„Ниту Русите не брзаат, имотот им е важен, а како ќе биде со нас не е нивна работа. Но, од друга страна, не можам ни да ги обвинам, тие не го предизвикаа ова“, рече Вучиќ.

 

Најнови вести од: Регион

Србија дополнително ја намалува акцизата на горивата

Србија ќе ја намали стапката на акцизата на нафтените деривати за дополнителни 40 проценти, за да се ублажи ценовниот шок на бензинските пумпи, изјави денеска претседателот на државата, Александар Вучиќ, по седницата на Советот за национална безбедност.

Скандал во албанското МВР, 520 вработени земале плата, некои со години не оделе на работа, а дел живеат и во странство!

Албанските медиуми објавија вест за скандал во Министерството за внатрешни работи, каде во платниот список имало 520 вработени кои примале плати, без да одат на работа. – Некои од нив со години живеат во странство, додека други се занимаваат со приватни бизниси или други активности. Феноменот покрена прашања за внатрешната контрола и одговорноста на раководителите кои со години ја дозволуваат оваа практика, наведуваат медиумите.

Република Српска оди на нови избори откако Саво Миниќ поднесе оставка

Премиерот на Република Српска, Саво Миниќ, денеска ненадејно поднесе оставка на функцијата, во пресрет на можноста неговиот мандат да биде оспорен пред Уставниот суд на Босна и Херцеговина поради спорниот начин на неговото назначување и избор.

Албанија ќе го прогласи Иран за спонзор на тероризмот

Со 79 гласови „за“, оние на владејачкото мнозинство и еден воздржан, на пленарна седница ја усвои Резолуцијата со која Иран се прогласува за „спонзор на тероризмот“ со што, како што се оценува, земјата се усогласува со стратешките сојузници.

To top