Спорт

Барди за мечот во Велс: Во душата знаеме дека цела Македонија ќе ни дава сила

Македонскиот капитен не го плаши очекуваниот пекол од трибините во Кардиф во дуелот за второто место во групата

Капитенот на фудбалската репрезентација на Македонија, Енис Барди, очекува огромен притисок од трибините против Велс утревечер од 20:45 часот во Кардиф во директниот дуел за второто место во групата од мундијалските квалификации, но вели дека ќе им дава сила поддршката од цела Македонија.

„Секогаш нагласувам дека треба да уживаме во секој момент, најпрво затоа што имаме чест да ја претставуваме нашата земја, а потоа и затоа што знаеме дека сите луѓе дома се со нас. На трибините можеби ќе имаме малку навивачи, но во душата знаеме дека цела Македонија ќе ни дава сила. Не очекува тежок дуел, но сме подготвени да дадеме вистински одговор“, изјави третиот стрелец во историјата на македонскиот национален тим со 20 гола.

Во директниот дуел за второто место, кое носи домашен терен во полуфиналето од плејофот, Македонија ќе влезе со 13 бода, колку што имаат и Велшаните, па и реми ќе им биде доволно на избраниците на селекторот Благоја Милевски за задржување на позицијата што носи малку полесен ривал во разигрувањето за историски пласман на Светското првенство 2026 во САД, Канада и Мексико.

Најнови вести од: Спорт

To top