Во Собранието денеска беа доделени државните награди „8 Септември“ за остварувања во спортот за 2026 година, највисоко признание што се доделува за достигнувања и придонес во развојот и афирмацијата на македонскиот спорт. Годинашни добитници на наградата се Димчо Ангелов (борење), Ацо Крстов (борење), Дејан Ангеловски (атлетика) и Ангел Мицевски-Скакар (борење), додека наградата за животно дело му припадна на Трајчо Димков (борење).
Министерот за спорт Борко Ристовски, на свеченоста во Собранието истакна дека наградата „8 Септември“ носи посебна симболика бидејќи го носи името на Денот на независноста на државата.
– Постојат спортски резултати што остануваат запишани во статистиката, но постојат и луѓе чии резултати, карактер и дело стануваат дел од колективната меморија на една држава. Денеска сме тука токму поради такви луѓе. Луѓе кои победувале, создавале шампиони, граделе спортски генерации и го носеле името на Македонија тогаш кога зад нив стоеле само нивниот труд, нивната дисциплина и вербата дека можат да успеат – порача Ристовски
Тој нагласи дека спортот има вредност многу поголема од освоените медали, пехари и рекорди, бидејќи големите спортски успеси создаваат моменти во кои целата држава се препознава во успехот на еден спортист или една репрезентација. Министерот им честиташе на годинашните добитници, посочувајќи дека зад нивните признанија стојат децении работа, тренинзи, натпревари, откажувања, победи и порази, но и огромен придонес во создавањето нови генерации македонски спортисти.
Добитникот на наградата за животно дело, Трајчо Димков, се заблагодари за признанието и се осврна на својата повеќедецениска кариера во борењето.
– Најголема гордост ми е што денес многу тренери, судии и спортски работници потекнуваат од нашата боречка школа, истакна Димков, кој речиси половина век е активен во спортот.
Тој во своето обраќање упати порака до младите да останат посветени на спортот и физичката активност, нагласувајќи дека движењето е основа за здрав живот.
Наградата „8 Септември“ годинава се доделува по 14-ти пат. Според организаторите, за признанието биле поднесени девет кандидатури, а за наградата за животно дело шест предлози. Изборот на апликантите го спроведува Одборот за доделување на државната награда кој го сочинуваат 13 лица, истакнати спортски работници и професори од областа на спортот.