Големата надеж на македонскиот фудбал Матеј Гаштаров го продолжи договорот со некогашниот европски шампион Црвена звезда до 2031 година.
Деветнаесетгодишниот дефанзивен играч за врска, кој неодамна во Лигата на нациите дебитира и ги одигра своите први четири натпревари за сениорската репрезентација на Македонија, сезонава за „црвено-белите“ запиша две асистенции во девет меча, и тоа против Партизан во вечното дерби и против Лугано во Конференциската лига.
Своите први чекори во најважната споредна работа на светот Гаштаров ги направи во младинските категории на Вардар, а во Црвена звезда е од август 2024 година.
Неговата цена на фудбалскиот пазар во моментов е 1,5 милиони евра, според „Трансфермаркт“.