
Како и минатата седмица, Лина Ѓорческа ќе игра во финалето во Куршумлиска Бања, и тоа откако во два сета ја елиминира првата носителка на тенискиот турнир во Србија што се игра на земјени терени и за награден фонд од 60.000 американски долари.
Ѓорческа, неделава 355. на ВТА-листата во сингл, во полуфиналето ја совлада Ралука Шербан (223.) од Кипар со 6-2, 6-2 за 74 минути игра и во мечот за трофејот утре од 10 часот ќе се бори со домашната претставничка Теодора Костовиќ (321.).
Среде налетот на првиот женски рекет на Македонија по првиот сет 28-годишната Романка со кипарски пасош побара медицинска помош, но ни таа не ѝ помогна за да го избегне првиот пораз во третиот меѓусебен дуел со 31-годишната тетовка.