Спорт

Херојско реми на Еурофарм Пелистер со Пари Сен Жермен!

Манасков три секунди до крајот го награди подвигот на голманот Хеидарирад и донесе нерешено 34:34 во Лигата на шампионите

Во хичкоковска завршница, ракометарите на Еурофарм Пелистер одиграа нерешено 34:34 со Пари Сен Жермен во Лигата на шампионите.

Херој кај македонскиот првак беше голманот Саид Хеидарирад, кој го одбрани последниот удар на Фати Омар од чиста позиција, по што „фрли“ контранапад, а него Дејан Манасков го претвори во гол три секунди до крајот за ерупција од одушевување во преполната сала „Боро Чурлевски“ во Битола.

Пелистерци беа блиску и до тоа целосно да го изненадат ракометниот гигант кога во 51. минута поведоа со 29:27, но гостите од Франција брзо се созедоа и 47 секунди до последниот звук на сирената имаа 34:32!

На тоа пелистерци прво одговорија преку Усама Хосни во 59:33 минута, за во самиот финиш Манасков да им го донесе шестиот бод сезонава во најсилното клупско натпреварување во Европа.

Капитенот Филип Кузмановски својата брилијантна партија ја круниса со 10 гола од 12 удари, а Манасков мечот го заврши со 5/7.

Во последното коло на 11 март Еурофарм Пелистер ќе ја заврши европската кампања со гостување во Барселона.

Најнови вести од: Спорт

To top