Спорт

Историското деби на Ѓорческа на Вимблдон директно на Арена Спорт Македонија

Дуелот за аналите на македонскиот спорт со ланската финалистка Анисимова од САД е закажан за утре напладне на теренот број 2

Мечот за историјата на македонскиот спорт, во кој Лина Ѓорческа ќе стане првиот тенисер од Македонија што настапил во главната конкуренција на гренслем-турнир во сингл, ќе може да се следи во директен телевизиски пренос на Арена Спорт Македонија утре напладне како прв на програмата кај дамите во Вимблдон.

Најдобрата македонска тенисерка, неделава 222. на ВТА-листата, по успешно поминатите три квалификациски кола ќе ѝ излезе на мегдан на шестата носителка, вицешампионката на неофицијалното светско првенство во белиот спорт и двократна гренслем-финалистка Аманда Анисимова од САД.

„Квалификациите минаа одлично. Отсекогаш знаев и верував дека сум блиску, а треба и да се склопат коцките, за да биде совршено. Секој меч беше тежок, сите што учествуваат се меѓу 200-те најдобри на светот во еден од најмасовните спортови и затоа нема лесен меч. Сепак, би го издвоила вториот меч против Франсиска Жорге. Последниот меч го одиграв одлично, загубив три гема и навистина сум среќна пред сè со тоа како се носев за време на мечот. За мојата противничка нема што многу да се каже, квалитетна и комплетна тенисерка, мојата единствена цел е да го одиграм своето. Таа е ланска финалистка и шеста носителка и затоа мечот е на еден од главните терени. Се надевам дека ќе биде интересен меч и гледајте и навивајте од дома“, изјави 31-годишната тетовка.

Најзначајниот натпревар за еден македонски тенисер досега ќе се одигра на теренот број 2, а ќе биде пренесуван на каналот Арена М2 Премиум.

 

 

Најнови вести од: Спорт

Во продажба билетите за Суперкупот со четири шпански гиганти: Фудбалскиот спектакл на Шпанија пристигнува во Истанбул

Суперкупот на Шпанија 2027 во Истанбул се организира во соработка со Министерството за култура и туризам и Министерството за млади и спорт на Турција, Генералната управа за забава на Кралството Саудиска Арабија, Кралската шпанска фудбалска федерација, Турската фудбалска федерација, компанијата за организација на настани Sela Events и турската агенција за комуникации и маркетинг Hezarfen Ajans.

To top