
Со максимална победа од 3:0 над Црна Гора во Струмица, машката одбојкарска репрезентација на Македонија го освои деветтото место во Европската златна лига во конкуренција на 12 селекции, оставајќи ги зад себе Хрватска, Летонија и Црна Гора.
До својот 47. триумф во 80. настап во Европската лига, „црвено-жолтите“ дојдоа како подобри во сите три сета со 25-20, 25-21 и 25-13 и третото учество во златниот сегмент го завршија со 5 бода, благодарејќи и на победата од 3:2 над Летонија во Рига, за најдобар пласман досега по 11. место предминатата година и десеттото лани.
Капитенот Никола Ѓорѓиев, кому ова му беше јубилејна 80. победа во државниот дрес, одново беше прво име во македонскиот состав со 16 поени.
Настапот во Европската златна лига беше загревање за избраниците на селекторот Јошко Миленковски за втората половина од квалификациите за Европското првенство и гостувањето во Грција на 13 август и реваншот со аутсајдерот Грузија четири дена подоцна во салата „Борис Трајковски“ во Скопје.
Од двата одиграни меча Македонија има една победа од 3:0 во Тбилиси и пораз од 3:1 против јужниот сосед во СЦ „Јане Сандански“, а на ЕП ќе се пласираат освојувачите на седумте квалификациски групи и петте најдобри второпласирани репрезентации.