Лина Ѓорческа им приреди огромна радост на Македонците на трибините во Мелбурн со успешниот старт во квалификациите за Австралија опен, а тие ѝ возвратија со френетична поддршка во текот на мечот со Сиња Краус од Австрија, по кој скандираа „Македонија, Македонија“ и ја пееја навивачката песна „Излези момче“.
Најдобрата македонска тенисерка, 205. на ВТА-листата во сингл, ја елиминира четвртата носителка и 104. женски рекет во светот со 7-5, 6-0, надигрувајќи ја во речиси сите сегменти од играта.
Ѓорческа отсервира 6 аса наспроти ниту еден на Австријката, имаше реализација од дури 75 проценти на втор сервис, искористи 5/6 од брејк-шансите итн.
Во второто квалификациско коло за првиот гренслем-турнир во сезоната, закажано за в среда, 31-годишната тетовка за противничка ќе ја има Тамара Зиданшек (151.) од Словенија.
Скратена снимка од победата на Ѓорческа на линк 1 и линк 2.