Спорт

Македонија подобра од Бахреин на стартот од „Жолтиот куп“ во Винтертур

„Црвено-жолтите“ славеа со 32:28 во првиот од трите натпревари на турнирот во функција на претстојното ЕП

Машката ракометна репрезентација на Македонија го отвори „Жолтиот куп“ во Винтертур со победа над Бахреин од 32:28, откако на полувреме водеше со 15:13.

Освен во средината на вториот дел, кога петкратниот азиски вицешампион и 29. селекција од последното Светско првенство поведе со 20:19, пред и потоа избраниците на селекторот Кирил Лазаров имаа контрола врз играта и резултатот, а највисоката предност во финишот достигна 32:25.

Капитенот Филип Кузмановски со 9 гола беше најефикасен во македонскиот тим, за кој по пет пати во листата на стрелците се запишаа десниот бек Мартин Велковски, левото крило Иван Џонов и десното крило Ненад Костески во вториот триумф во меѓусебните дуели по тој од 28:23 на СП 2019.

Утре од 17:45 часот „црвено-жолтите“ за противник ќе ја имаат Украина, декласирана со 38:27 од домаќинот Швајцарија.

За Македонија овој турнир е во функција на претстојното Европско првенство, кадешто на 16 јануари ќе му излезе на мегдан на соорганизаторот, светски и олимписки првак Данска.

Најнови вести од: Спорт

Најнови вести

To top