Тешката резултатска криза на фудбалската репрезентација на Македонија продолжи и на гостувањето кај Словенија во Лигата на нациите, кадешто избраниците на селекторот Гоце Седлоски загубија со 2:0 во второто коло од групата 1 во дивизијата Б.
Десетти натпревар во низа „црвено-жолтите“ немаат победа, под водство на Седлоски на шест меча немаат ни дадено гол, иако во Љубљана одиграа подобро отколку во стартниот пораз од 3:0 против Швајцарија во саботата во Скопје.
Со осум измени во составот и со комплетно нова одбрана Македонија одигра прво полувреме без голови, но во второто прво Санди Ловриќ со помош на коленото на Анес Мелиќи го отвори резултатот во 55. минута, а точка стави резервистот Аљоша Матко осум минути пред крајот.
За разлика од претходните дуели, македонските фудбалери овојпат упатија 10 удари кон противничкиот гол, иако само еден во рамките, а имаа и две големи шанси да го прекинат голгетерскиот пост, но не ги реализираа Агон Елези во 6. минута и Лука Станковски во вториот дел.
Со катастрофална серија од по пет порази и нерешени и гол-разлика 2:21, а под водство на Седлоски три неуспеси и две ремија со вкупни 0:13 во погодоци, Македонија в сабота од 20:45 часот на Националната арена „Тодор Проески“ ја пречекува Шкотска, која вечерва загуби дома со 2:0 од Швајцарија и остана на еден бод.