Со две различни изданија во двете полувремиња, најдобрите македонски ракометари на крајот славеа уверлива победа и над Украина од 31:26 на „Жолтиот куп“ во Винтертур пред директниот дуел за победник на турнирот против домаќинот Швајцарија утре од 18 часот.
Избраниците на селекторот Кирил Лазаров одиграа бледо прво полувреме, во кое слабата одбрана и промашувањата од чисти позиции ги чинеа заминување на одморот со негатива од 17:13.
Со застанувањето на голот на Иван Галевски од почетокот на вториот дел работите на теренот драстично се сменија, па со серија од пет гола по 14:18 „црвено-жолтите“ во 39. минута направија резултатски пресврт, по кој разликата само се зголемуваше и две минути до крајот достигна максимални 30:24.
Како и во стартната победа од 32:28 над Бахреин, капитенот Филип Кузмановски повторно беше прв стрелец на македонскиот тим со 7 гола, три повеќе од средниот бек Игор Ѓорѓиев, а по три пати во листата на стрелците се запишаа Мартин Велковски, Мартин Серафимов и Иван Џонов.
Ова е трета победа за Македонија во четирите досегашни меѓусебни дуели со Украинците, покрај едното реми.