
Бојан Миовски го освои својот прв трофеј како фудбалер на Жирона, Купот на Каталонија, откако тимот на македонскиот напаѓач славеше со 5:4 на пенали против Еспањол во Сабадељ во натпреварот што во основниот дел заврши без голови.
Репрезентативецот на Македонија, кој влезе во игра на стартот од второто полувреме на местото на Стуани, придонесе за пехарот со успешната реализација на вториот удар од белата точка во пенал-серијата (на видеото најдолу).
Миовски во својата прва сезона во Жирона не ја доби шансата што максимално ја искористи во претходните две во Абердин, па до крајот на преодниот рок е неизвесно дали и во новата сезона ќе ги брани боите на тимот што во минатата настапи во Лигата на шампионите.