
Фудбалерите на Шкендија загубија со 1:0 од Карабах на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје во првиот натпревар од третото квалификациско коло за Лигата на шампионите и имаат за што да жалат.
Посебно за моментот во 18. минута што го реши победникот, кога Роналдо Вебстер непотребно стартуваше врз противничкиот играч што излегуваше со топката од шеснаесетникот.
Судијата Иван Крузљак од Словачка прво досуди слободен удар, но по интервенцијата од ВАР-собата покажа на белата точка, а Торал Бајрамов со силен и прецизен удар во левиот горен агол го постигна единствениот гол на средбата.
Гостите од Азербејџан имаа поголем посед на топката (55:45 проценти), но македонскиот првак не беше инфериорен, што го потврдува статистиката на упатени удари (17:19, но 7:6 за тетовци во рамките на голот).
Реваншот е закажан за 12 август во Баку.